Зеленски: Украина се соочува со недостиг на ракети поради војната на Блискиот Исток
„Америка произведува 60-65 ракети месечно. Замислете, 65 ракети месечно се околу 700-800 ракети годишно. А само во првиот ден од војната на Блискиот Исток беа искористени 803 ракети“
ИСТАНБУЛ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес изјави дека неговата земја се соочува со недостиг на ракети поради тековната војна на Блискиот Исток, пренесува Анадолу.
Во интервју за „Би-би-си“, Зеленски рече дека има „многу лошо чувство“ за влијанието на тековните тензии во тој регион врз руско-украинската војна, која минатиот месец влезе во својата петта година, додавајќи дека мировните преговори „постојано се одложуваат“ поради војната во Иран.
Зеленски истакна дека ситуацијата ѝ оди во прилог на Русија бидејќи ги зголеми цените на енергенсите, и дека за неговата земја би можело да настане „дефицит“ на ракети.
„Покрај цените на енергијата, ова значи исцрпување на американските резерви и исцрпување на капацитетите од производителите на воздушна одбрана. Значи, ние (Украина) се соочуваме со исцрпување на ресурсите“, рече Зеленски.
Тој понатаму додаде дека „дефинитивно“ ќе има дефицит на ракети за системот „Патриот“, дефинирајќи го тоа како „предизвик“, и нагласи дека клучното прашање е „кога ќе се исцрпат сите залихи на Блискиот Исток“.
„Америка произведува 60-65 ракети месечно. Замислете, 65 ракети месечно се околу 700-800 ракети годишно. А само во првиот ден од војната на Блискиот Исток беа искористени 803 ракети“, објасни тој.
Израел и САД продолжуваат со заедничката офанзива во Иран што започна на 28 февруари, при што досега загинаа околу 1.300 луѓе, меѓу кои и тогашниот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи.
Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив, каде што се наоѓаат американски воени бази, предизвикувајќи жртви и штета на инфраструктурата, истовремено нарушувајќи ги глобалните пазари и авиосообраќајот.
Зеленски го коментираше и ставот на американскиот претседател Доналд Трамп во однос на руско-украинската војна, тврдејќи дека неговиот колега избира да не зазема страна во конфликтот за „да не го иритира“ рускиот претседател Владимир Путин.
Во однос на односите меѓи Трамп и британскиот премиер Кир Стармер, Зеленски рече дека иако не сака да му кажува на својот американски колега што да прави, смета дека двајцата треба да се сретнат за да ги „обноват односите“.
„Навистина би сакал претседателот Трамп да се сретне со Стармер... за да имаат заеднички став“, додаде тој.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
