свет

ОАЕ: Системите за воздушна одбрана пресретнаа седум балистички ракети и 15 беспилотни летала од Иран

Министерството за одбрана на ОАЕ не наведе дали има повредени лица или материјална штета во последниот напад

Mohammad Sıo  | 19.03.2026 - Обновена : 19.03.2026
ОАЕ: Системите за воздушна одбрана пресретнаа седум балистички ракети и 15 беспилотни летала од Иран

ИСТАНБУЛ (АА) - Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) соопштија дека нивните системи за воздушна одбрана денес пресретнале седум балистички ракети и 15 беспилотни летала лансирани од Иран, додека регионалните тензии продолжуваат да се интензивираат, јавува Анадолу.

Министерството за одбрана на ОАЕ во соопштението не наведе дали има повредени лица или материјална штета во последниот напад.

Во соопштението се додава дека системите за воздушната одбрана од 28 февруари наваму пресретнале вкупно 334 балистички ракети, 15 крстосувачки ракети и 1.714 беспилотни летала од Иран.

Според податоците на Министерството, двајца војници и шестмина цивили од Пакистан, Непал, Бангладеш и Палестина биле убиени во досегашните ирански напади, додека 158 лица од различни земји се повредени.

Регионалните тензии се зголемени откако Израел и САД на 28 февруари започнаа заедничка офанзива против Иран, при што досега се убиени околу 1.300 лица, меѓу кои и тогашниот врховен лидер Али Хамнеи.

Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан, Ирак и земјите од Заливот каде што се наоѓаат американски воени бази, предизвикувајќи човечки жртви и штета на инфраструктурата, истовремено нарушувајќи ги глобалните пазари и авиосообраќајот.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.