Европските лидери се состануваат заради разговори за Ковид-19 и вакцините
Лидерите на состанокот што би требало да биде одржан утревечер ќе разговараат за координација на преземените мерки за спречување на ширењето на заразата, мерките против новата варијанта на вирусот, тестирањата и за стратегиите за надзор.

БРИСЕЛ
Лидерите на земјите членки на ЕУ ќе се состанат преку видеоконференција за да разговараат за мерките против ширењето на Ковид-19, набавката и дистрибуцијата на вакцините и за слични активности, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лидерите на состанокот што би требало да биде одржан утревечер ќе разговараат за координација на преземените мерки за спречување на ширењето на заразата, мерките против новата варијанта на вирусот, тестирањата и за стратегиите за надзор.
Меѓутоа се очекува дека главна тема на состанокот ќе биде производството и дистрибуцијата на вакцините против Ковид-19 и самиот процес на вакцинација.
Вакцините БајоНтек/Фајзер и Модерна, што ги одобри ЕУ, се даваат на населението од декември 2020 година. Се очекува до крајот на јануари одобрение да добијат и вакцините на „АстраЗенека“ и Универзитетот „Оксфорд“.
Европската комисија со досега шест потпишани договори со произведувачите дојде во позиција да може да нарача околу 2,3 милијарди дози. Потпишани се договори со „БајоНтек/Фајзер“ за 600 милиони, „АстраЗенека“ 400 милиони, „Санофи-ГСК“ 300 милиони, „Џонсон и Џонсон“ 400 милиони, „Кјурвак“ 405 милиони и „Модерна“ 160 милиони.
Меѓутоа, упатени се и критики дека процесот на вакцинација во земјите на ЕУ се одвива успорено. Се очекува дека лидерите ќе разговараат за зголемување на производствените капацитети за вакцините и за забрзување на процесот на вакцинација.
Една од темите на состанокот би требало да биде и давањето потврда/сертификат на оние што се вакцинирале. Поточно, сè уште не е јасно на кој начин ќе биде уреден овој документ наречен и сертификат за вакцинација или пасош за вакцинација, какви податоци ќе содржи, како ќе се овозможи обострано признавање, правната подлога и дали ќе биде важечки и за трети земји.
Целта на сертификатот за вакцинација, што во писмото до Европската комисија го предложи Грција, е да се овозможи на лицата што се вакцинирале непречено да патуваат. Меѓутоа, не се дадени јасни одговори на прашањата како ограничувањата за патувања ќе се одразат на лицата што од здравствени причини не се вакцинирани или немаат пристап до вакцините.
Едно од посебните прашања е дали сертификатот ќе важи и за оние лица што примиле вакцина што не е одобрена во ЕУ, а живеат во земјите на ЕУ.
Европските официјални претставници сметаат дека е сè уште рано да се зборува за давањето одобренија за лицата што ја примаат вакцината во земјите како Кина и Русија и за тоа какви ќе бидат нивните можности за патувања во ЕУ.
Европската комисија сака членките да постигнат заеднички став до крајот на јануари во врска со сертификатот за вакцинација.
Целта на Европската комисија е до 1 јуни да се вакцинира 70 отсто од возрасната популација во земјите на ЕУ, и да ги разгледа можностите за патувања за лицата што го немаат тој документ, со негативен ПЦР-тест.
Европските официјални претставници даваат временски рок за тоа кога би можело да дојде до воспоставување на системот на сертификатот за вакцинација. ЕУ сака да види како може да се зголемат капацитетите за производство на вакцината, како да се распоредат поголемиот број дози и како ќе се одвива кампањата за вакцинација.