Израел го осуди планот на ЕУ за санкции, вети одмазда
„На чекорите против Израел ќе биде одговорено со иста мера и се надеваме дека нема да биде потребно“

ИСТАНБУЛ (АА) – Израел го осуди предложениот план за санкции на Европската комисија против Израел, нарекувајќи го „морално и политички изобличен“ и заканувајќи се дека ќе возврати доколку мерките бидат спроведени, пренесува Анадолу.
„Акциите против Израел ќе наштетат на интересите на самата Европа“, напиша министерот за надворешни работи Гидеон Саар во објава на американската компанија за социјални медиуми X.
Тој истакна дека Израел „ќе продолжи да се бори, со помош на своите пријатели во Европа, против обидите да му се наштети“.
„На чекорите против Израел ќе биде одговорено со иста мера и се надеваме дека нема да биде потребно“, се закани Саар.
Неговите изјави дојдоа откако Европската комисија денес предложи суспендирање на делови од Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, потег за кој Комисијата рече дека би можел да влијае на израелскиот извоз во вредност од околу 5,8 милијарди евра, поврзан со договорот, како дел од пакетот санкции поради однесувањето на Израел во Газа. Сепак, предлогот сè уште нема едногласна поддршка од земјите членки на ЕУ потребна за да стапи на сила.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, исто така, предложи насочени санкции против двајца израелски министри и доселеници обвинети за насилство врз Палестинците.
Израелскиот дневен весник „Маарив“ вчера објави дека суспендирањето на елементи од Договорот за асоцијација од 1995 година, кој долго време беше столбот на трговијата меѓу Израел и ЕУ, би можело да ја дестабилизира економијата на Израел.
Се истакнува дека вкупната трговија меѓу Израел и ЕУ достигнала 47,4 милијарди долари во 2024 година, вклучувајќи околу 30,7 милијарди долари увоз и 16,7 милијарди долари извоз.
Израелската Армија продолжува со бруталната офанзива врз Појасот Газа, убивајќи над 65.000 Палестинци од октомври 2023 година. Воената кампања ја опустоши енклавата, која се соочува со глад.
Вчера, Независната меѓународна комисија на Обединетите нации (ОН) за истрага на окупираните палестински територии потврди дека Израел извршил геноцид во Газа.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.