свет

Европратениците бараат замрзнување на трговскиот договор со САД поради „заканите“ на Трамп за Гренланд

„Заканите и поткопувањето на меѓународниот поредок заснован на правила, како и заканите за територијална експанзија, никогаш не треба да се прифатат...“

Melike Pala  | 14.01.2026 - Обновена : 14.01.2026
Европратениците бараат замрзнување на трговскиот договор со САД поради „заканите“ на Трамп за Гренланд

БРИСЕЛ (AA) – Група пратеници во Европскиот парламент од неколку земји членки на Европската Унија (ЕУ) денес повикаа на итно замрзнување на процесот за одобрување на предложениот трговски договор со Соединетите Американски Држави (САД), повикувајќи се на обновените изјави на американскиот претседател Доналд Трамп со кои се доведува во прашање територијалниот интегритет на Данска во однос на Гренланд, јавува Анадолу.

Во писмо упатено до претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, и до Конференцијата на претседатели, пратениците побараа Парламентот да ја запре секоја постапка поврзана со договорот „сѐ додека администрацијата на САД упатува тврдења за Гренланд и закани“.

Во писмото се повикува на неодамнешните изјави на Трамп и членовите на неговата администрација со кои се изразува намера да се „преземе“ Гренланд, автономна територија во рамките на Кралството Данска, оценувајќи ги ваквите изјави како закана за меѓународниот поредок заснован на правила.

„Заканите и поткопувањето на меѓународниот поредок заснован на правила, како и заканите за територијална експанзија, никогаш не треба да се прифатат и сигурно ќе придонесат за дополнителна дестабилизација на веќе несигурниот свет“, наведуваат пратениците.

„Она што би било уште полошо од молчење пред шокантните изјави на САД е да се создаде впечаток дека тие се наградуваат. Токму тоа може да се случи доколку не реагираме сега“, додаваат тие.

Договорот, постигнат минатото лето меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и Трамп, се однесува на приспособување на царинските давачки и отворање тарифни квоти за одредени американски производи и е планирано да биде ставен на пленарно гласање во февруари.

„Доколку продолжиме и одобриме договор што Трамп го смета за лична победа, додека тој изнесува тврдења за Гренланд и одбива да исклучи каков било начин за нивно остварување, тоа лесно ќе се протолкува како наградување на него и неговите постапки“, се наведува во писмото.

Покрај замрзнувањето на договорот, пратениците повикаа Европскиот парламент јасно да ѝ соопшти на Европската комисија, Советот на ЕУ и на Вашингтон дека нема да разгледува договори со партнер кој го загрозува територијалниот интегритет на ЕУ.

Тие, исто така, ја повикаа Комисијата да ги суспендира сите понатамошни преговори со САД сѐ додека ваквите закани не престанат.

Писмото го објави данскиот пратеник Пер Клаузен, кој на американската платформа за социјални медиуми X изјави дека се надева оти раководството на Европскиот парламент ќе одговори брзо.

Трамп во неделата изјави дека САД мора да го „преземат“ Гренланд за да спречат преземање на островот од страна на Русија или Кина. Претходно тој го опиша поседувањето на Гренланд како „апсолутна неопходност“ за економската безбедност на САД, споредувајќи го со „голем договор за недвижности“.

Гренланд, самоуправна територија во рамките на Кралството Данска, го привлече интересот на САД поради својата стратешка локација и огромните минерални ресурси.

Данска и Гренланд ги отфрлија предлозите за продажба на територијата, потврдувајќи го данскиот суверенитет над островот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.