Државниот секретар Рубио: САД ќе почнат со поништување на визите на кинеските студенти
„Ние ќе ги ревидираме критериумите за виза за да го подобриме надзорот врз сите идни апликации за виза од Народна Република Кина и Хонгконг“

ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот државен секретар Марко Рубио соопшти дека Стејт департментот ќе започне со одземање на визите на кинеските студенти, јавува Анадолу.
„Под водство на претседателот (Доналд) Трамп американскиот Стејт департмент ќе соработува со Министерството за внатрешна безбедност за агресивно одземање на визите на кинеските студенти, вклучително и оние што се поврзани со Кинеската комунистичка партија или кои студираат во клучни области“, истакна Рубио во соопштението.
„Ние, исто така, ќе ги ревидираме критериумите за виза за да го подобриме надзорот врз сите идни апликации за виза од Народна Република Кина и Хонгконг“, додаде тој.
Претходно оваа година администрацијата им ги поништи визите на илјадници странски студенти, вклучително и некои таргетирани поради учество во пропалестинските протести во кампусите или пишување колумни во кои се критикува Израел. Меѓу нив беше и турската докторантка Румејса Озтурк од Универзитетот Тафтс.
Минатата недела администрацијата на Трамп, исто така, презеде чекори за одземање на овластувањето на Универзитетот Харвард за примање студенти од странство. Федерален судија привремено ја блокираше одлуката.
Вчера Трамп предложи ограничување на приемот на странски студенти на 15%, при што некои странски студенти ги нарече „проблематични“ и „радикални луѓе“.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.