свет

Декларацијата на Самитот на НАТО: Лидерите на НАТО одлучија да ги поканат Шведска и Финска да се приклучат во Алијансата

- Декларација на Самитот на НАТО: „Денеска решивме да ги поканиме Финска и Шведска да станат членки на НАТО и се согласивме да ги потпишеме протоколите за пристап.“

Ömer Tuğrul Çam, Şenhan Bolelli  | 29.06.2022 - Обновена : 30.06.2022
Декларацијата на Самитот на НАТО: Лидерите на НАТО одлучија да ги поканат Шведска и Финска да се приклучат во Алијансата

МАДРИД (АА) - Лидерите на земјите од НАТО одлучија да ги поканат Шведска и Финска да се приклучат на Алијансата и се согласија да ги потпишат пристапните протоколи, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Објавена е Декларацијата на Самитот на НАТО што се одржа во Мадрид, главниот град на Шпанија.

Во Декларацијата во која се потврдува посветеноста на НАТО на својата политика на отворени врати, се нагласува:

„Денеска решивме да ги поканиме Финска и Шведска да станат членки на НАТО и се согласивме да ги потпишеме протоколите за пристап. Од витално значење е да се исполнат легитимните безбедносни грижи на сојузниците при секое пристапување во Алијансата. Го поздравуваме трилатералниот Меморандум меѓу Турција, Финска и Шведска. Пристапувањето на Финска и Шведска ќе ги направи овие земји побезбедни, НАТО посилно и евроатлантскиот регион побезбеден.“

Во Декларацијата, лидерите најостро го осудија рускиот напад врз Украина, давајќи порака за единство и солидарност.

Во Декларацијата, во која се наведува дека Русија е одговорна за хуманитарната ситуација во Украина и дека оние кои извршиле воени злосторства ќе одговараат, се додава дека Русија свесно ја влошила кризата со храна и енергија и дека се поддржуваат меѓународните напори житото на Украина да стигне на светските пазари.

Меѓу другото, во Декларацијата уште еднаш е нагласена солидарноста со Украина, територијалниот интегритет и независноста на земјата, и е постигнат договор за зајакнат пакет поддршка за оваа земја.

Во Декларацијата, за заканите кон НАТО се нагласува: „Руската Федерација е најсериозна и најдиректна закана за безбедноста на сојузниците, стабилноста и мирот во евроатлантскиот регион. Тероризмот во сите негови форми и видови продолжува да биде директна закана за безбедноста на нашите народи, меѓународната стабилност и просперитет.“

Во Декларацијата, во која се наведува дека е прифатен и документот за Стратешки концепт, се нагласува дека ќе се зајакне одвраќањето и одбраната.

Исто така, се изразува посветеноста на лидерите за распоредување дополнителни борбени сили на источното крило, и се посочува дека овие сили може да се зголемат доколку тоа е потребно.

Се наведува дека ќе се зајакне енергетската безбедност и ќе се обезбедат сигурни снабдувачи со енергија за армиите.

Лидерите на НАТО, меѓу другото, истакнаа дека ќе продолжат да го унапредуваат стратешкото партнерство со ЕУ, нагласувајќи дека учеството на партнерите од Азиско-пацифичкиот Регион на Самитот укажува на важноста на соработката во заедничките безбедносни предизвици.

Во Декларацијата беше наведено и дека е одлучено да се даде нова политичка и практична поддршка на Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија.

Исто така, се додава дека се задоволни од зголемувањето на трошоците за одбрана.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın