свет

Генералното собрание на ОН со големо мнозинство ја осуди Русија поради војната во Украина

Резолуцијата најостро ја осудува „руската агресија“ и бара Кремљ „веднаш да ја прекине употребата на сила против Украина“

Michael Gabriel Hernandez  | 03.03.2022 - Обновена : 03.03.2022
Генералното собрание на ОН со големо мнозинство ја осуди Русија поради војната во Украина

ВАШИНГТОН (АА) ‒ Генералното собрание на Обединетите нации со Резолуција остро ја осуди Русија поради војната која ја води во Украина, повикувајќи ја Москва „веднаш, потполно и безусловно“ да се повлече од соседната земја, јавува Агенција Анадолија (АА).

Генералното собрание на ОН со големо мнозинство ја усвои Резолуцијата додека војната во Украина влегува во втората недела. Резолуцијата е усвоена со 141 глас „за“, 5 „против“, а 35 „воздржани“.

Резолуцијата најостро ја осудува „руската агресија“ и бара Кремљ „веднаш да ја прекине употребата на сила против Украина“.

Американската амбасадорка на ОН, Линда Томас Гринфилд, пред гласањето најостро ја осуди Русија.

Истакна дека војната која ја започна Русија доведе до голем глад и предизвика многумина да избегаат од своите домови, додека руските сили сѐ посилно изведуваат напади на критична инфраструктура, вклучително на „клучните услуги кои обезбедуваат вода за пиење на милиони луѓе во Украина за да останат живи и гас за да се спречи луѓето да се смрзнат до смрт“.

„Сега се чини дека Русија се подготвува да ја зголеми бруталноста на својата кампања против Украина“, рече Томас Гринфилд, и додаде:

„Видовме видеоснимки од руските сили како во Украина префрлаат исклучително смртоносно оружје, на кое не му е место на бојното поле. Тоа вклучува касетна муниција и вакуум бомби, кои се забранети со Женевската конвенција.“

Гринфилд побара руските сили во Украина да го положат оружјето и да ја напуштат Украина, порачувајќи им дека нивните лидери ги лажат.

Рускиот амбасадор Василиј Небензја го обвини Западот дека изврши притисок без преседан на голем број земји да гласаат за Резолуцијата, продолжувајќи да ги обвинува украинските лидери дека се радикали.

Сергиј Кишлица, украинскиот амбасадор во ОН, рече дека руските сили „дошле за на Украина да ѝ го одземат правото на постоење“.

„Злосторствата се толку варварски што е тешко да се сфатат. Соочувајќи се со целосен отпор на украинското население, режимот на Путин продолжи со широка употреба на неселективно оружје, како повеќецевни ракетни фрлачи и воздушни бомби на населени подрачја“, рече Кишилица, и нагласи:

„Веќе е јасно дека целта на Русија не е само окупација. Тоа е и геноцид.“

Нападот на Русија врз Украина кој започна на 24 февруари се соочи со осуда од меѓународната заедница, а Европската Унија, Велика Британија, Канада, Јапонија и САД на Москва ѝ воведоа економски санкции.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.