Генералниот секретар на ОН најстрого го осуди убивањето на мировник на ОН во Либан
Гутереш ги повика сите страни да ги почитуваат своите обврски според меѓународното право и да ја осигурат безбедноста и сигурноста на персоналот и имотот на ОН
ВАШИНГТОН (АА) – Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, најстрого го осуди убивањето на индонезиски мировник од Мисијата на Обединетите Нации во Либан (УНИФИЛ) за време на непријателствата меѓу Израел и Хезболах доцна синоќа, јавува Анадолу.
„Ова е само еден во низата неодамнешни инциденти со кои се загрозува безбедноста и сигурноста на мировниците“, објави тој на американската платформа за социјални медиуми Х.
Гутереш ги повика сите страни да ги почитуваат своите обврски според меѓународното право и да ја осигурат безбедноста и сигурноста на персоналот и имотот на ОН.
Претходно, УНИФИЛ соопшти дека еден мировник вчера е трагично убиен, откако проектил експлодирал на пункт на УНИФИЛ, во близина на јужното либанско село Адчит ал-Кусајр. Уште еден мировник бил тешко повреден.
Од УНИФИЛ соопштија дека засега не е познато потеклото на проектилот.
„Започнавме истрага за утврдување на сите околности“, соопштија од мисијата.
Израел спроведува напади врз Либан од воздух и започна копнена офанзива во јужниот дел на земјата, по прекуграничниот напад од страна на организацијата Хезболах на 2 март.
Регионот е во состојба на висока приправност откако САД и Израел извршија воздушна офанзива врз Иран на 28 февруари, во која досега се убиени над 1.340 лица, меѓу кои и тогашниот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи.
Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан и Ирак, како и кон земјите од Персискиот Залив, предизвикувајќи жртви и штета врз инфраструктурата, истовремено нарушувајќи ги глобалните пазари и авиосообраќајот.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
