свет

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, зборуваше за АА пред 77. состанок на Генералното собрание

- Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, одговараше на прашањата на новинарот на АА пред одржувањето на 77. Генерално собрание на ОН, најголемиот дипломатски форум што ќе ги собере светските лидери во Њујорк на 20 септември

Betül Yürük  | 15.09.2022 - Обновена : 17.09.2022
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, зборуваше за АА пред 77. состанок на Генералното собрание Фото: Локман Вурал Елибол / АА

ЊУЈОРК 

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, одговараше на прашањата на новинарот на АА пред одржувањето на 77. Генерално собрание на ОН, најголемиот дипломатски форум што ќе ги собере светските лидери во Њујорк на 20 септември, пишува Агенција Анадолија (АА).

Гутереш зборуваше за Руско-украинската војна, посредничката улога на Туркије, договорот за жито, реформите на Советот за безбедност на ОН, тековните кризи и војни во многу делови од светот и за климатските промени.


АА: Која ќе биде Вашата порака до светските лидери кои се подготвуваат да учествуваат на 77. Генерално собрание на ОН следната недела, и какви заложби сакате да слушнете од лидерите?

ГУТЕРЕШ: Мојата главна порака е дека треба да ги премостиме геополитичките поделби. Денес, геополитичкиот јаз меѓу најголемите сили, Кина, САД и Русија, го парализира решението на голем број проблеми со кои се соочуваме. Климатските промени се катастрофални за државите. Само што се вратив од Пакистан. Поплавена е област трипати поголема од мојата родна земја Португалија. Не можете ниту да ја замислите жалната глетка од поплавите. Погледнете ги драматичните ефекти од ескалацијата на конфликтите и нејзините последици, кои не влијаат само врз борците туку и врз остатокот од светот. Погледнете го само влијанието на војната во Украина врз економиите на земјите во развој, врз обезбедувањето храна, врз нивниот пристап до енергија. Во исто време [треба] да се подготвиме за идни епидемии. Видовме дека светот не успеа да се обедини наспроти пандемијата на Ковид-19. Можеме да се соочиме со уште полоша пандемија за неколку години. Ова е момент кога земјите мора да разберат дека светот и меѓународната заедница се соочуваат со растечка нееднаквост и опасност што може да предизвика тензии, превирања и кризи. И покрај различните позиции, различните перспективи, како меѓународна заедница треба да најдеме начин да се здружиме против проблемите кои можат да нѐ уништат нас и планетата.

АА: Ја споменавте војната во Украина, не можеме да видиме никакви индикации дека војната ќе заврши кога ќе се погледне кон испораките на оружје во земјата и решеноста на Украина со започнатите контранапади да ги врати сите нејзини запоседнати територии. Има ли надеж за прекин на огнот или мировни преговори во блиска иднина, или сте загрижен дека војната во Украина би можела да продолжи како во Сирија, Јемен, Либија?

ГУТЕРЕШ: Мислам дека ќе потрае некое време, но се надевам дека нема да трае вечно како другите кризи. Ќе биде потребно извесно време за страните да ја разберат потребата од прекин на огнот, од мир врз основа на Повелбата на ОН и меѓународното право, но тоа не значи дека нема многу што да се направи. ОН и Туркије имаат солидно партнерство во изнаоѓање решенија за драматичните последици од војната во Украина. Црноморската иницијатива за транспортот на жито беше реализирана со посредство на ОН и Туркије. Претседателот Ердоган и јас лично работиме да обезбедиме продолжување на договорот. Во исто време, во моментов разговараме за можноста за извоз на руски амониумнитрат со гасовод кој поминува низ Украина преку истите канали. Туркије и ОН работат многу напорно за да ги минимизираат ефектите од војната во Украина. На пример, денеска разговарав со рускиот претседател Путин. Претседателот Ердоган ќе се сретне со него во Самарканд. Верувам дека нашите пораки ќе бидат доста слични при средбата и со Украина и со Русија, бидејќи и Туркије и ОН се стремат кон мир.

АА: Имавте многу тесна соработка со Туркије во постигнувањето на договорот меѓу Украина и Русија за транспортот на жито. Минатата недела слушнавме поплаки од руските власти дека не можат да извезуваат сопствена храна и ѓубрива, и покрај договорот. Договорот првично беше потпишан на 120 дена и во моментов постои загриженост дека нема да биде продолжен. Дали и Вие сте загрижен од истите причини? Дали мислите дека договорот треба да се ревидира или прошири за да се одговори на загриженоста на Русија?

ГУТЕРЕШ: Јас повеќе сум заинтересиран за решавање на проблемите отколку за загриженоста. Првиот проблем што треба да се реши е пристапот на руската храна и ѓубриво до меѓународните пазари. Сè уште има некои пречки. Правиме сѐ што е во наша моќ и со САД, ЕУ и другите партнери работиме да го спроведеме во реалност она што претходно повеќепати беше кажано, дека „санкциите не влијаат на храната и ѓубривата“. Во време кога пазарот на ѓубрива се стеснува, руското ѓубриво многу ни е потребно. Во многу делови од светот, луѓето не можат да ја посеат своја земја во целост поради недостигот на ѓубрива. Водиме преговори за извоз на амониумнитрат од Русија преку Украина... Затоа, работиме напорно за да ги зачуваме и прошириме постигнатите придобивки и во овој момент соработката со Турција е повторно исклучително важна.“

АА: Спомнавте напори, но од друга страна, гледаме масовни раселувања во Украина, слушаме за сериозни прекршувања на човековите права, киднапирани деца за посвојување. Минатата недела ОН соопштија дека има силни тврдења дека украинските деца биле насилно префрлувани во Русија на посвојување. Русија е обвинета дека насилно префрлила меѓу 900.000 и 1,6 милиони луѓе од Украина на руска територија. Се зборува за воени злосторства. Што мислите, дали се извршени воени злосторства во Украина?

ГУТЕРЕШ: Оваа одлука ја носат судовите. Меѓународниот кривичен суд е во Украина и целосната истрага за тоа е работа на Меѓународниот кривичен суд. Знаеме дека има сериозни прекршувања на човековите права. Високиот комесар за човекови права беше активен на тоа поле и неговиот став е јасен. Знаеме дека луѓето страдаат на различни начини. Вложуваме напори да се почитуваат меѓународното хуманитарно право и човековите права, без разлика дали тоа се однесува за области под контрола на Украина, за области под контрола на Русија или за области во Русија. Секако дека од Високиот комесаријат на ОН за бегалци побарав да биде почувствителен, особено кон маките на луѓето кои можеби биле префрлени против нивна волја.

АА: Од друга страна, ОН се соочуваат со финансиска криза на фондовите за хуманитарна помош, но не беше таква ситуацијата во случајот со помошта за Украина, немаше криза во овој случај. Мартин Грифитс, помошник-генерален секретар на ОН за хуманитарни прашања, исто така, го иницира ова прашање и истакна дека земјите донатори великодушноста што ја покажале кон Украина, не ја покажале и кон другите земји. Што би сакале да им порачате на земјите донатори кои својата помош за Украина не ја дадоа и за земјите како Сирија, Либија и Етиопија?

ГУТЕРЕШ: Мојата порака е многу јасна. И на овие земји им треба поддршка и незамисливо е тоа, за да ѝ се помогне на Украина, да им се даде помала поддршка на оние земји кои се во екстремна опасност и во неволја во различни делови на светот. Мислам дека земјите кои пружаат помош ќе разберат дека Украина и нејзиниот народ нема да бидат поддржани доколку, како донатори, бидат рамнодушни кон драматичните хуманитарни ситуации со кои се соочуваме во различни делови од светот.


АА: Осврнувајќи се кон Советот за безбедност, гледаме дека проблемот всушност е кај земјите кои се одговорни за обезбедувањето на меѓународниот мир и безбедност. Како пример за тоа може да се наведат руското започнување целосна војна против Украина, блокирањето на одлуките за Мјанмар од страна на Кина и историјата на вето што САД го ставаат за израелско-палестинското прашање. И вие сакате реформи во Советот за безбедност, но претходно имате дадено изјава во која велите „тоа не е можно веднаш“. Дали неволноста за реформи претставува закана за иднината на ОН?

ГУТЕРЕШ: Мојот разговор го започнав со геополитичките поделби, споменувајќи ги овие три земји. И вие ги спомнувате овие три земји. Затоа мислам дека многу добро се разбираме. Мислам дека беше 2021 или 2022 година. Се одржа седница и тоа беше важен чекор. Првенствено, Генералното собрание зазеде серија позиции, преземајќи ја одговорноста онаму каде што Советот за безбедност не успеа, и како второ, доколку некоја земја го искористи правото на вето во Советот за безбедност, таа земја е принудена пред Генералното собрание да објасни зошто донела одлука за вето. Тоа значи дека метежот во Советот за безбедност станува сѐ позабележителен. Некои работи почнаа да се менуваат и мислам дека во последната година промената е во вистинска насока.


АА: Поради војната во Украина, вниманието на светот се оддалечи од кризите во Сирија, Либија, Јемен, Етиопија и други региони. Независната меѓународна истражна комисија на ОН, пак, во својот новонајавен извештај предупредува дека во Сирија може повторно да започнат конфликти од големи размери. Колку Вас ве загрижуваат овие заборавени кризи?

ГУТРЕШ: Не сум загрижен бидејќи сме активни во Сирија. Многу сме активни во Либија. Многу сме активни и во Јемен и прекинот на огнот сè уште продолжува, но треба да го обновиме. Активни сме во Авганистан, Сахел и Сомалија. Нема кризна зона во којашто не сме активни. Војната во Украина на никаков начин не влијае на нашата борба, решителност и акции за мир и безбедност во други делови од светот.


АА: Климатските промени се еден од вашите приоритети, а кога зборувате за климатските промени, како пример ги давате вашите внуци. Кога ќе го погледнете бавниот однос на развиените земји во борбата против климатските промени, дали кај Вас има надеж за иднината на вашите внуци?

ГУТЕРЕШ: Никогаш не ја губиме надежта, но и не сме на вистинскиот пат... Треба да ги намалиме емисиите на стакленички гасови. Емисиите на стакленички гасови се очекува да се зголемат и во следните неколку години, а ако се зголемат, тогаш оставете го поставеното ограничување на порастот на температурата на 1,5 Целзиусови степени на годишно ниво, можен е раст на температурата од 2 или повеќе степени, а тоа би значело состојба на нашата планета што не можеме ни да ја замислиме. Трагедијата со колосални димензии што денес се случува во Пакистан, ќе стане една од многуте кризи со слична димензии низ светот. Затоа, лидерите дефинитивно треба да разберат дека климатските промени се најголемиот проблем на денешницата, и приоритет треба да им биде намалувањето на емисиите и поддршка на земјите во развој. Тоа може да се направи со градење на приспособливост и издржливост на веќе неизбежните влијанија на климатските промени и со сериозен почеток на разговори за загубите и настанатите штети. Решавањето на овие прашања идентификувани со Парискиот договор досега постојано е одложувано.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın