Во срцето на Газа, во библиотеката на џамијата Омари историските ракописи повторно оживуваат во рацете на доброволците
- Доброволците работат на чистење и класификација на книгите и ракописите оштетени во израелските напади, спроведувајќи ги почетните фази на неопходната реставрација
ГАЗА (АА) - Историските ракописи и ретки дела кои се чуваат во библиотеката на Големата џамија Омари, во Појасот Газа, повторно оживуваат благодарение на посветените напори на палестинските доброволци, откако беа цел на нападите во текот на над двегодишните израелски воени дејствија, јавува Анадолу.
Една од најстарите и најбогатите библиотеки во Газа, библиотеката на Големата џамија Омари, се зачувува во услови на ограничени локални ресурси наспроти разорните последици од војната.
Доброволците работат на чистење и класификација на книгите и ракописите оштетени во израелските напади, спроведувајќи ги почетните фази на неопходната реставрација.
Пред војната, во библиотеката биле сместени приближно 20.000 ретки книги и ракописи.
Првичните процени на инвентарот по нападите открија дека голем дел од колекцијата е или закопан под урнатините или целосно изгорен. Досега, доброволците успеаја да спасат приближно 4.000 дела.
„Западниот дел од библиотеката бил изложен на директни напади и пожар“, потврди Ханин ал-Амаси, раководителка на доброволците кои работат на реставрација на библиотеката.
Таа нагласи дека книгите се во исклучително лоша состојба, при што мувлата се шири меѓу страниците, а површините се прекриени со слоеви од барут.
„Доброволците моментално се фокусирани кон чистење на оштетените материјали, како дел од првичната интервенција за прва помош“, додаде таа.
Библиотеката е дом на бројни ретки наслови кои датираат од периодот на Отоманската Империја и покриваат бројни полиња на знаењето и науката.
Ал-Амаси нагласи дека напорите за реставрација имаат за цел да помогнат во враќањето на надежта и одржувањето на научниот, интелектуалниот и културниот живот во Газа.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
