Санчез со критики за двојните стандарди: Ставот за Украина и Гренланд мора да важи и за Газа и Либан
„Она што не смееме да го правиме е да ја осудуваме инвазијата врз Украина, а да им аплаудираме на нападите врз Иран“
ЖЕНЕВА (АА) - Шпанскиот премиер Педро Санчез денес повика на доследност во спроведувањето на меѓународното право, предупредувајќи на опасноста од двојни стандарди во одговорите на глобалните конфликти, јавува Анадолу.
Санчез нагласи дека државите не може да ја осудуваат руската инвазија врз Украина или да го бранат територијалниот интегритет на Гренланд, додека истовремено молчат за извршените прекршувања на други места.
„Она што не смееме да го правиме е да ја осудуваме инвазијата врз Украина, а да им аплаудираме на нападите врз Иран“, изјави тој пред Долниот дом на шпанскиот Парламент, додавајќи: „Не може да бараме почитување на територијалниот интегритет на Гренланд, а да останеме неми кога тој интегритет се нарушува во Газа или во Либан.“
Тој потенцираше дека одбраната на меѓународниот поредок бара кохерентност и конзистентност, предупредувајќи дека селективните реакции го поткопуваат неговиот кредибилитет.
Санчез, исто така, го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека се обидува во Либан да го повтори „истото уништување и страдање што беше извршено во Газа“.
Шпанскиот лидер упати критики и за поголемите последици од војната на Блискиот Исток.
„Според мое мислење, тие го постигнаа следново: прво, поткопување на меѓународното право, дестабилизација на Блискиот Исток, поттикнување конфликти во Ирак и Либан и закопување на Газа под урнатините, овој пат не под бетонски урнатини, туку под заборав и рамнодушност“, истакна тој.
