Во Русија одбележан 9 Мај - Денот на победата
По повод 9 Мај - Денот на победата, се одржа воена парада на Црвениот плоштад во рускиот главен град Москва.

МОСКВА
Во Русија е одбележана 76-годишнината од победата на Советскиот Сојуз врз нацистичка Германија за време на Втората светска војна, јавува Агенција Анадолија (АА).
По повод 9 Мај - Денот на победата, се одржа воена парада на Црвениот плоштад во рускиот главен град Москва.
На оваа церемонија учествуваа претседателот на Русија, Владимир Путин, претседателот на Таџикистан, Имамали Рахман, премиерот на Русија, Михаил Мишустин, како и членовите на владиниот кабинет, ветерани и над 12.000 војници.
Исто така, во рамки на церемонијата беа изложени 190 воени возила и оружја, меѓу кои тенкот од третата генерација „Армата“, модернизираниот тенк од типот „T-72B3M“, балистичкиот ракетен систем со краток дострел „Искандер-M“, ракетните системи „Бук-M3“ и „TOP-M2“, воздушно-одбранбените системи „С-400“, интерконтиненталниот балистички ракетен систем „Јарс“, како и друго оружје.
На Црвениот плоштад летови реализираа 76 воени авиони и хеликоптери од различни типови, како и воен авион од петтата генерација од типот „Su-57“, борбени авиони што носат хиперсоничен ракетен систем од типовите „MİG-31K“, „Su-34“, „Su-30CM“, и „Su-35C“, како и авиони за стратешко бомбардирање.