свет

Во израелските напади на Газа често страдаат репортерите и опремата на Аnadolu Agency

Израелската војска на 4 мај за време на нападите на Газа, погоди и зграда во која се наоѓа канцеларијата на АА

Ekipa   | 20.05.2019
Во израелските напади на Газа често страдаат репортерите и опремата на Аnadolu Agency

ГАЗА (АА) - ЈАСИР ЕЛ БЕНА - Репортерите и дописниците на Anadolu Agency речиси седум години низ Појасот Газа известуваат за израелското кршење на човековите права на Палестинците, а често во израелските напади е уништена опремата, која е воедно и средство за сведочење, а ранети се и вработените лица во Агенцијата.

Израелската војска на 4 мај, за време на нападите на Газа, погоди и зграда во која се наоѓа канцеларијата на АА. Агенцијата беше не само медиум кој известува за случувањата на тоа подрачје, туку и тема во вестите.

Зградата во нападот е потполно срушена, а уништен е и поголемиот дел од опремата на репортерите на АА, со која се забележани кршењата на човековите права и маките на Палестинците.

Сепак, израелскиот напад не го спречи известувањето на АА од тоа подрачје, туку репортерите продолжија, и покрај рушењето на канцеларијата и со ограничени можности, да известуваат за она што се случува.

Исто така, ова не беше прв напад во Палестина на кој АА беше изложена. Израелските бомбардери на 29 јули и на 3 август 2014 година ја погодија канцеларијата на АА во Газа.

При нападот на израелските сили на болницата „Шухеа ал Акса“ во Газа, изршен на 21 јули 2014 година, тешко е ранет камерманот на АА, Енес Ебу Муајлик, кој потоа е превезен во Турција. Во нападите во 2014 година е погодено и возило на АА.

Камерманот Метин Јуксел Каја и фоторепортерот Онур Чобан беа жртви на нападот за време на известувањето за враќањето на Палестинците во своите домови по примирјето на 1 август 2014 година. Во оганот што го отворија израелските војници, полесно е ранет Каја.

Каја е ранет и на 9 октомври 2015 година, во интервенција на израелските војници, за време на следењето на судирите во населбата Суџаије.

За време на следењето на настанот на линијата на разграничување во Газа, на 25 декември 2015 година, е ранет и возач во АА, Фади ал Катати.

Поголемиот дел од репортерите на АА се ранети и во израелските напади за време на демонстрациите насловени како „Марш за големото враќање“, кои на границата на Газа се одржуваат од 30 март 2018 година. Еден од нив е и Али Џадала, кој прво на 25 мај 2018 година почувствувал последици од солзавец, а еден месец подоцна од фрагменти од граната е погоден во раката. Џадала е ранет за време на демонстрациите на 22 март 2019 година.

Мустафа Хасуне е ранет на 14 декември 2018 година откако израелските војници фрлија гасна бомба.

И вработените на АА на Западниот Брег со години се соочени со обидите на израелските сили за спречување на известувањето, со приведувања и ранувања.

Камерманот на АА, Хисам Ебу Сакра, е ранет на 5 февруари 2016 година во Витлеем. Оваа година, поточно на 12 мај, Ебу Сакра, кој сакал да ја сними евакуацијата на 15 семејства од Хирбет Химс ел Фуге во Северен Агвар, е приведен на неколку часа. Запленетата опрема беше вратена по три дена. Ебу Сакра повеќе пати беше цел на напади.

Израелските војници со гумени куршуми на 10 октомври 2015 година го ранија и фоторепортерот Исам Римави, кој ги следеше судирите во Рамала. Римави ги почувствувал последиците од фрлениот солзавец по известувањето за случувањата на демонстрациите на Западниот Брег.

Римави со гумен куршум е ранет и на 4 септември 2018 година, кога известувал за интервенцијата на израелските војници врз Палестинците.

И фриленсерот Нидал Истије е погоден со гумен куршум на 21 декември 2018 година, за време на известувањето за демонстрациите во Кафр Кадум.

Израелските сили со изговор дека нема дозвола за престој, на 22 јануари во Источен Ерусалим го приведоа фоторепортерот на АА, Мустафа Харуф.

Правната борба на Харуф трае 119 дена, а Израел, со образложението дека нема дозвола за престој, сака фоторепортерот кој пораснал во Источен Ерусалим, каде што живее и целото негово семејство, да го испрати во Јордан.

Организациите за заштита на човековите права одамна предупредуваат на политиката која Израел ја применува кон палестинските новинари.

Во извештајот на Палестинскиот центар за медиумски слободи и развој (MADA) се наведува дека израелските сили од 2000 година усмртиле 41 новинар.

Палестинскиот центар за медиумски слободи и развој (MADA) наведува и дека е јасно оти израелската војска ги врши нападите на претставниците на медиумите кои известуваат за случувањата за време на „Маршот за големото враќање“. Се додава и дека за време на нападите загинале двајца репортери, Јасиер Муртеџа и Ахмед Ебу Хусеин, а дека се ранети десетици репортери.

Локални извори наведуваат дека за време на споменатите демонстрации, а при извршување на репортерската задача, 46 репортери биле ранети во вооружен напад, а 139 претставници на медиумите биле цел на нападите на израелските војници.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.