Бројот на загинати во земјотресот во Авганистан се искачи на 1.150 лица
„Потребни ни се храна и вода“, изјави талибанскиот функционер по силниот земјотрес

ИСЛАМАБАД (АА) - Бројот на загинати од земјотресот што во вторникот го погоди Авганистан се искачи на 1.150 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Најмалку 1.600 лица се повредени во земјотресот со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала кој го погоди источниот дел на земјата“, изјави денеска за Агенција Анадолија Абдул Вахид Рајан, висок талибански функционер и генерален директор на државната новинска агенција „Бахтар“.
„Околу 1.800 куќи се срушени“, додаде тој.
Спасувачките екипи продолжуваат со расчистување на урнатините за да ги ослободат повредените и да ги извлечат телата.
„Хуманитарна помош од Пакистан, Катар и Иран пристигна во земјата“, рече официјален претставник.
Пактика и Хост се најпогодените авганистански покраини каде што неколку села се целосно уништени од смртоносниот земјотрес.
Според жителите, вчера биле спроведени масовни погреби.
„Нашите куќи се срушени и ние сме принудени да живееме под отворено небо“, истакна Џаматула, локален жител на Пактика, во телефонски разговор за Агенција Анадолија.
Повредените се префрлени во болници, а некои луѓе се во критична состојба.
„Потребна ни е храна и засолниште“, рече Халид Задран, портпарол на полицијата во Кабул на Твитер.
Вчера, привремената Влада на талибанците во Авганистан најави пакет за помош во вредност од 1 милијарда авгани (преку 11 милиони долари) за погодените.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.