Американскиот сенатор Меркли поднесе резолуција со која се повикува на признавање на Палестина од САД
- Американскиот сенатор Џеф Меркли поднесе резолуција, прва во историјата на Сенатот, со која се бара од претседателот Доналд Трамп формално да ја признае државата Палестина

ВАШИНГТОН
Американскиот сенатор Џеф Меркли поднесе резолуција, прва во историјата на Сенатот, со која се бара од претседателот Доналд Трамп формално да ја признае државата Палестина, известува Анадолу.
Меркли, сенатор од Орегон, објави писмена изјава во врска со резолуцијата за Палестина, прва од ваков вид во историјата на Сенатот.
Во изјавата се наведува дека резолуцијата, поддржана од седум демократи и еден независен сенатор, бара од претседателот Трамп да ја признае државата Палестина.
Резолуцијата нагласува дека решението за две држави е од суштинско значење за безбедноста и просперитетот и на Палестина и на Израел, а исто така ја нагласува и резолуцијата 242 на Советот за безбедност на Обединетите нации, која се однесува на границите од 1967 година.
Резолуцијата бара САД да признаат демилитаризирана палестинска држава заедно со безбеден Израел, во согласност со меѓународното право и принципите на решението за две држави.
Во предлог-законот, исто така, се повикува Палестинската самоуправа да ги исполни своите ветувања кон европските земји и да одржи избори во 2026 година, а Хамас да го положи оружјето.
- „Не можеме повеќе да ја одложуваме целта за палестинска држава“
Во својата изјава во врска со предлог-законот поднесен до Сенатот, Меркли истакна:
„Признавањето на палестинска држава не е само практичен чекор што САД можат да го преземат за да изградат иднина во која Палестинците и Израелците можат да живеат во слобода, достоинство и безбедност, туку е и правилното нешто што треба да се направи. Америка има одговорност да предводи, а сега е време да се дејствува.“
„Оваа одлука бара поинаков пат. Прво, итно мора да се постигне прекин на огнот, сите заложници мора да бидат вратени и помошта мора да биде доставена. Но, потоа, мора да се постават темелите за мир и просперитет за иднината, а единствениот одржлив пат за ова е решение со две држави. Не можеме повеќе да ја одложуваме целта за палестинска држава“, рече Меркли.
Демократските сенатори Крис Ван Холен, Тим Кејн, Питер Велч, Тина Смит, Тами Болдвин, Мејзи Хироно и независниот сенатор Берни Сандерс ја потпишаа предлог-резолуцијата, поднесена од Меркли.