свет

Австралија воведе санкции против 180 лица, ентитети и бродови од „флотата во сенка“ поврзани со Русија

- Владата соопшти дека ова е „најголемиот поединечен пакет санкции“ на Австралија од февруари 2022 година, кога започна руско-украинската војна

Islam Uddin  | 24.02.2026 - Обновена : 24.02.2026
Австралија воведе санкции против 180 лица, ентитети и бродови од „флотата во сенка“ поврзани со Русија

ИСТАНБУЛ (АА) - Австралија воведе нов пакет санкции насочени кон 180 лица, ентитети и бродови од т.н. „флота во сенка“ поврзани со Русија, по повод четвртата годишнина од почетокот на војната меѓу Москва и Киев, јавува Анадолу.

Новите мерки беа објавени во заедничко соопштение на премиерот Ентони Албаниз, министерот за одбрана Ричард Марлс и министерката за надворешни работи Пени Вонг.

Владата соопшти дека ова е „најголемиот поединечен пакет санкции“ на Австралија од февруари 2022 година, кога започна руско-украинската војна.

Санкциите се насочени кон рускиот финансиски и банкарски сектор, одбранбениот сектор, аеронаутиката, нафта и гас, транспортот, како и секторот за наука и технологија.

За првпат, Австралија воведе санкции и кон криптовалути, за кои тврди дека овозможуваат прекугранични трансакции и ѝ помагаат на Москва да ги заобиколи постојните ограничувања и да ја одржи својата воена кампања.

Со најновиот пакет мерки, Австралија досега има воведено повеќе од 1.800 санкции како одговор на руската војна во Украина.

Канбера, исто така, ја намали горната граница на цената на руската нафта од 47,60 долари по барел на 44,10 долари.

Од почетокот на војната, вкупната помош на Австралија за Украина надмина 1,7 милијарди австралиски долари (1,2 милијарди американски долари), од кои повеќе од 1,5 милијарди австралиски долари се наменети за воена поддршка.

„Ќе продолжиме да преземаме активности за дополнителен притисок врз приходите на Русија од нафта и очекуваме бизнисите да спречат нивните синџири на снабдување ненамерно да ја финансираат нелегалната и неморална инвазија на Украина“, се наведува во соопштението.

Австралиските официјални претставници, исто така, ја повикаа Москва без одлагање да ја прекине војната и да ги исполни своите меѓународно правни обврски, вклучително и заштитата на цивилите и обезбедување соодветен третман на воените заробеници.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.