политика

Путин: Русија минатата година испорача над 1,5 милиони дронови во зоната на украинскиот конфликт

„На фронтот беа пратени повеќе од 1,5 милиони беспилотни летала, меѓу кои и околу 4.000 ФПВ со виртуелно управување“, изјави Путин на состанокот на Воено-индустриската комисија во Москва

Elena Teslova  | 23.04.2025 - Обновена : 23.04.2025
Путин: Русија минатата година испорача над 1,5 милиони дронови во зоната на украинскиот конфликт

Москва

Рускиот претседател Владимир Путин соопшти дека Русија минатата година им испорачала повеќе од 1,5 милиони беспилотни летала од различни типови на своите вооружени сили, но додаде дека тоа сè уште не е доволно за да се задоволат растечките потреби на армијата, јавува Анадолу.

„На фронтот беа пратени повеќе од 1,5 милиони беспилотни летала, меѓу кои и околу 4.000 ФПВ со виртуелно управување“, изјави Путин на состанокот на Воено-индустриската комисија во Москва.

И покрај пофалбите за работата на Министерството за одбрана, тој призна дека е неопходно значително зголемување на производството.

„Добро знам, како и многумина од вас тука денес, дека овие средства сè уште недостасуваат. Постои недостиг. Свесен сум за секојдневната работа што ја вршат Министерството за одбрана, министерот и нашите индустриски претпријатија. Има планови и процесот е во тек“, нагласи Путин.

Тој даде генерално позитивна оцена за руската одбранбена индустрија, истакнувајќи дека повеќето воени фабрики целосно, ефикасно и навреме ги исполниле државните нарачки. Во некои сектори, рече тој, производството било реализирано дури и пред планираното.

„На пример, производството на оружје за уништување, комуникациски системи, извидувачка опрема и електронско војување е повеќе од двојно зголемено. Нашите сили добија над 4.000 оклопни возила и 180 борбени авиони и хеликоптери“, додаде тој.

Путин изрази уверување дека плановите за зголемување на производството на беспилотни летала ќе се реализираат, но истакна дека одбранбениот сектор годинава се соочува со уште поамбициозни цели.

„Нашето искуство од специјалната воена операција - и тактичко и технолошко - денес го проучуваат армии, производители на оружје и високотехнолошки компании низ светот. Мора да бидеме чекор напред, како што сме биле многупати досега, а уверен сум дека ќе продолжиме така“, рече тој.

Претседателот, исто така, нагласи дека е неопходно внимателно следење на глобалните трендови во воената технологија, со цел да се предвидат и разберат идните конфликти.

Како приоритетни задачи ги наведе развојот на напредни ласерски системи, проширувањето на сателитската мрежа за сеопфатно извидување и сигурна комуникација, како и имплементацијата на заштитен, домашно развиен софтвер, вклучително и решенија базирани врз вештачка интелигенција, за автоматизирани системи за команда и контрола.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.