Германски политички научник: „Истанбул е најдобра, можеби и последна шанса за компромис“
- Во пресрет на новите историски мировни преговори политичкиот научник од Слободниот универзитет во Берлин, Хајо Функе, истакна дека нема подобро место од Истанбул за одржување преговори меѓу Украина и Русија

БЕРЛИН / ИСТАНБУЛ (АА) - Во пресрет на новите историски мировни преговори политичкиот научник од Слободниот универзитет во Берлин, Хајо Функе, истакна дека нема подобро место од Истанбул за одржување преговори меѓу Украина и Русија, јавува Анадолу.
На 11 мај рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно отпочнување на директни преговори во Истанбул, кои беа прекинати пред три години, овој пат без предуслови и побара турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да биде домаќин на новите мировни разговори во Истанбул што ќе се одржат утре.
Украина позитивно одговори на предлогот, а меѓународната заедница го поздрави одржувањето на нови мировни преговори.
„Средбата во Истанбул е знак на надеж“, изјави Функе за Анадолу.
- Мировни преговори Русија-Украина 2022 година
Функе потсети дека под медијација на Ердоган во 2022 година беше постигнат значаен напредок, но обидите пропаднале поради мешањето на НАТО, особено на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и британската Влада предводена од Борис Џонсон, кои тогаш беа на власт.
Според него, тие го блокирале она што го барал украинскиот претседател Владимир Зеленски.
Тој посочи дека посетата на Џонсон на Киев во април 2022 година, како и изјавата на тогашниот американски министер за одбрана Лојд Остин за „ослабување на Русија за да се спречи идна агресија“, јасно укажувале на ескалација на конфликтот.
Функе додаде дека во тој период во војната имало околу 30.000 мртви и ранети, а денес, по три години, бројката се искачила на стотици илјади.
„Време е повторно да се прими сигнал од Истанбул. Така го формулираше и Путин – сакаме да ги продолжиме прекинатите преговори“, рече тој.
- „Истанбул е соодветното место“
Функе истакна дека Турција е прифатена како медијатор од двете страни, на различни начини велејќи: „Истанбул е соодветното место. Нема подобро место.“
Тој смета дека ниту Ријад ниту западноевропските престолнини не се погодни за преговори: „Истанбул е најдобра, можеби и последна шанса за компромис.“
Дали Путин ќе учествува во разговорите, според Функе, зависи од тоа дали ќе постои реална можност за успех. Тој додаде дека „детинестите игри“ од типот „ќе дојдам само ако дојде и другата страна“ не се сериозни и дека вистински преговори се водат врз основа на совпаѓање на интересите.
„Станува збор за многу повеќе – за завршување на војната, за спречување нови десетици илјади жртви, за спасување разурната земја, особено Украина“, нагласи тој.
Според него, главен предизвик е напредокот околу безбедносните и територијалните прашања. Доколку има напредок до четврток, тоа може да биде позитивен почеток, но дури тогаш ќе бидат познати резултатите.
- Ставот на Европа
Во врска со неодамнешната посета на европските лидери на Киев на 10 мај, Функе рече дека не треба да се преценува нејзиното значење.
Тој ја критикуваше изјавата на новиот германски канцелар Фридрих Мерц дека Европската Унија ќе воведе построги санкции ако Русија не ги прифати мировните предлози, велејќи:
„Тоа е знак на солидарност, секако. Но обидот да се наметнат работи со ултиматуми, како оној на Мерц, веќе пропадна последните денови. Не се даваат ултиматуми ако не си сигурен дека ќе доведат до резултат.“
Функе истакна и дека американскиот претседател Доналд Трамп побарал од лидерите на Украина и Русија да се фокусираат на суштинските прашања и сериозно да се вклучат во преговорите. Тој додаде дека постои можност тие да дојдат во Истанбул, но не се знае дали двајцата ќе останат докрај или некој ќе ја напушти средбата порано.
Тој заклучи дека дури и ако овие преговори не успеат, тие ќе продолжат, а дека ако Украина има шанса за компромис, тоа важи и за Путин, особено со сериозниот притисок од Трамп.
Функе оцени дека Германија, Франција и Велика Британија дури неодамна почнале да ѝ даваат поддршка на Украина, а нивниот неуспех да иницираат мировни напори во изминатите три години ја покажува нивната слабост.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.