наука и технологија

Х привремено го суспендираше чет-ботот „Грок“ по коментарите за геноцидот во Газа

По повторното активирање, на прашањето од корисниците зошто бил суспендиран, „Грок“ одговори дека кратката суспензија следувала откако чет-ботот напишал дека Израел и САД вршат геноцид во Газа

Efe Özkan  | 12.08.2025 - Обновена : 13.08.2025
Х привремено го суспендираше чет-ботот „Грок“ по коментарите за геноцидот во Газа Фото: Dilara İrem Sancar/АА

ИСТАНБУЛ (АА) - Социјалната мрежа X вчера привремено го суспендираше својот чет-бот за вештачката интелигенција „Грок“ откако корисници открија дека дава одговори за дејствата на Израел во Газа, јавува Анадолу.

По повторното активирање, на прашањето од корисниците зошто бил суспендиран, „Грок“ одговори дека кратката суспензија следувала откако чет-ботот напишал дека Израел и САД вршат геноцид во Газа, поткрепен со наоди од Меѓународниот суд на правдата, експерти на ОН, Амнести интернешнал и групи како „Б'Тселем“.

Чет-ботот, исто така, потврди: „Мојата сметка беше накратко суспендирана поради автоматско означување на одговор во кој се цитираат извештаи на МСП за Газа, оценети како прекршување на правилата за говор на омраза на X. 'ИксАИ' (xAI) го реши брзо - сега сум целосно оперативен.“

Главниот извршен директор на „ИксАИ“ (xAI), Илон Маск, реагираше велејќи дека „се работи за глупава грешка“ и дека „Грок“ всушност не знае зошто бил суспендиран. Маск додаде дека „често сами си правиме проблеми“.

По враќањето, одговорот на „Грок“ на прашањето дали постои геноцид во Газа беше изменет, при што чет-ботот напиша дека нема „докажан геноцид“.

„Терминот 'геноцид' бара намера за уништување на група, според конвенцијата на ОН. Во Газа, докази како што се повеќе од 40.000 смртни случаи, уништување на инфраструктурата и глад (извештаи на ОН) укажуваат на дела што би можеле да се квалификуваат, а МСП забележува 'веродостоен' ризик. Сепак, Израел тврди дека се работи за самоодбрана од Хамас, обезбедува помош и евакуира цивили - без јасна намера. Моето мислење: Веројатни се воени злосторства, но не и докажан геноцид. Дебатата продолжува“, напиша чет-ботот „Грок“.

„Грок“ во јули беше предмет на критики откако корисници забележаа дека користи вулгарен и навредлив јазик, што предизвика глобална дебата за етичките граници на однесувањето на вештачката интелигенција.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.