Извршниот директор на „ОупенВИ“ го обвини Илон Маск за манипулирање со платформата X среде спорот со „Епл“
Алтман реагираше на тврдењата на Маск дека „Епл“ се занимава со антимонополски прекршувања во корист на „ОупенВИ“

ИСТАНБУЛ (АА) - Главниот извршен директор на „ОупенВИ“ („OpenAI“), Сем Алтман, го обвини Илон Маск дека манипулира со социјалната мрежа Х за да им користи на своите компании и да им наштети на конкурентите, јавува Анадолу.
Алтман реагираше на тврдењата на Маск дека „Епл“ се занимава со антимонополски прекршувања во корист на „ОупенВИ“.
„Ова е извонредно тврдење со оглед на она што го слушнав дека Илон манипулира со X за да има корист за себе и за своите компании и да им наштети на конкурентите и луѓето што не ги сака“, напиша Алтман на социјалната мрежа X.
Алтман истакна дека би сакал да се спроведе контраистражување за активностите на Маск, додавајќи дека „ОупенВИ“ ќе продолжи да се фокусира на развојот на квалитетни производи.
„'ОупенВИ' ќе остане фокусиран на производство на одлични производи“, рече тој.
- Маск најави тужба против „Епл“ -
Претходно Маск, кој ја води компанијата за вештачка интелигенција „ИксВИ“ (xAI), на X објави за однесувањето на „Епл“.
Извршниот директор на Тесла се пожали дека „Грок“, неговиот асистент за вештачка интелигенција, не е претставен во делот за вештачка интелигенција на „Епл“ и покрај тоа што е „најпаметна вештачка интелигенција во светот на најтешките тестови“.
Тој рече дека „'Епл' ѝ оневозможува на која било компанија за вештачка интелигенција, освен 'ОупенВИ', да го достигне првото место во 'Апп Стор' ('App Store'), што е недвосмислено кршење на антимонополските правила“.
Тој најави дека „ИксВИ“ ќе преземе итни правни мерки против „Епл“.
- Контрадикторни докази -
Корисниците на Х преку функцијата „Комјунити Ноутс“ ги оспорија тврдењата на Маск, посочувајќи дека кинескиот модел „ДипСик“ во јануари 2025 година бил на прво место во „Апп Стор“ на „Епл“, а „Перплексити“ на 18 јули 2025 година го зазел врвот во индискиот „Апп Стор“.
Двете достигнувања се случиле по најавата за партнерството меѓу „Епл“ и „ОупенВИ“ во јуни 2024 година.
- Долгогодишен конфликт -
Ова е најново продолжение на јавниот конфликт меѓу двајцата коосновачи на „ОупенВИ“. Маск и Алтман ја основаа организацијата во 2015 година, но се разделија во 2018 година, кога Маск го напушти одборот откако не успеа да обезбеди целосна контрола и директорска позиција.
Оттогаш Маск поднесе неколку тужби против „ОупенВИ“, обвинувајќи ја компанијата за измама и прекршување на договорот, поради преминот од непрофитна во профитна структура и партнерството со „Мајкрософт“.