Andrew John Roesgen
16 Септември 2021•Ажурирај: 17 Септември 2021
ЧИКАГО (АА) - Со извици и поздрави од земјата и со дигнати палци од членовите на екипажот, „Спејс икс“ на Илон Маск синоќа ја лансира во вселената ракетата составена целосно од цивилен екипаж во историски чекор за вселенскиот туризам, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Нешто по 20 часот по локално време во Кејп Канаверал, американската сојузна држава Флорида, полета ракетата „Фалкон 9“, носејќи ја капсулата „Кру драгон“, која ќе биде дом на двајца мажи и две жени во следните три дена.
„Вие навистина го инспирирате светот“, беше кажано од контролната кула на мисијата на „Спејс икс“, додека ракетата полетуваше. „Со среќа, уживајте во патувањето.“
По 12 минути патување, капсулата ја достигна границата од каде што почнува вселената, предизвикувајќи големо расположение од контролата на мисијата. Капсулата се движеше кон орбиталната височина од 575 километри над Земјата, што е надвор од орбитата на Меѓународната вселенска станица.
Мисијата, наречена „Инспирација 4“ е значајна од неколку причини. За разлика од летовите во вселената предводени од милијардерите Ричард Бренсон и Џеф Безос во јули, што се сметаат за први од ваков вид, самиот Маск не е дел од екипажот на капсулата „Кру Драгон“.
Четворицата цивили во мисијата на „Спејс икс“, наречена „Инспирација 4“ е милијардерот Џаред Ајсакмен, кој е основач и извршен директор на „Шифт фор пејментс“. Ајсакмен платил непозната сума пари за финансирање на патувањето и го посветува на Детската истражувачка болница за пациенти со рак „Свети Јуда“.
Дел од мисијата е и Хејли Арцено, која преживеа рак на коските, а подоцна стана дел од Детската истражувачка болница „Свети Јуда“ за пациенти со рак, за што е посветена и оваа мисија во вселената. Исто така, во капсулата се и Крис Семброски, ветеран на Воздухопловните сили и инженер по аеровселена, и Сиан Проктор, едукаторка на колеџ во сојузната американска држава Аризона. Таа го доби своето место во капсулата победувајќи на претприемачкиот натпревар организиран од Ајсакмен. Таткото на Проктор работел за НАСА за време на мисиите на Аполо во 1960-тите и 1970-тите години, а таа ја пропушти шансата да стане астронаут во 2009 година.
Исто така, „Инспирација 4“ ќе навлезе многу подлабоко во вселената и ќе помине многу подолго време отколку летовите на Бренсон и Безос, кои накратко влегоа во вселената, а потоа слетаа на Земјата. Екипажот на „Кру Драгон“ на крајот ќе се спушти во Атлантскиот Океан.
Најзначајно е тоа што нема искусни астронаути во капсулата, иако Ајсакмен има искуство како пилот на авиони.
Четворицата членови на екипажот беа на интензивна обука од март, и додека се во вселената, нивното здравје ќе биде следено постојано.
Маск говореше за неговата желба за колонизирање на Марс, и тој, како и Бренсон и Безос, се надеваат дека ќе можат со ваквите летови да го направат вселенскиот туризам достапен за пошироките маси.