Aida Cako
13 Август 2025•Ажурирај: 14 Август 2025
СКОПЈЕ (АА) - Израелскиот крузер „Краун Ирис“ денес беше пречекан како непожелен од стотици луѓе во грчкото пристаниште Волос, јавува Анадолу.
Толпа пропалестински активисти, претежно од левичарски партии и здруженија, синдикати, пратеници и високи раководители од Грчката комунистичка партија (ККЕ), се собраа околу пристаништето за да ги спречат патниците да се истоварат, меѓу кои, како што забележаа, имало и израелски војници, според новинскиот медиум „902.gr“.
На патниците им беше дозволено да се симнат и да бидат пренесени во туристички автобуси под силна полициска заштита, а демонстрантите носеа палестински знамиња и транспаренти со кои го осудуваа тековниот геноцид на Израел во Газа.
„Убијците на палестинскиот народ и народите на Блискиот Исток не се добредојдени“, „Слобода за Палестина“ и „Победа за Палестина“ беа меѓу слоганите што ги скандираа демонстрантите.
Последните недели при посетите на „Краун Ирис“ на многу други грчки пристаништа, меѓу кои Сирос, Родос и Агиос Никола на Крит, имаше слични протести.
Израел се соочува со зголемена осуда за својата геноцидна војна во Газа, каде што од октомври 2023 година уби речиси 61.600 Палестинци.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.