Иванов не го потпишува Законот за ратификација на Договорот со Грција
Во писмото што го испрати Иванов до Парламентот вели дека во извршувањето на својата функција секогаш постапувал одговорно и своите права и должности ги вршел врз основа на Уставот, законите и интересите на Република Македонија

Skopje
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, донесе одлука да не го потпише указот на Законот за ратификација на конечната спогодба за надминување на спорот за името меѓу Македонија и Грција, што Собранието ја изгласа на 20 јуни, откако беше потпишана на 17 јуни во Преспа, јавува Anadolu Agency (AA).
Во писмото што тој го испратил до Парламентот вели дека во извршувањето на својата функција секогаш постапувал одговорно и своите права и должности ги вршел врз основа на Уставот, законите и интересите на Република Македонија.
„Затоа, врз основа на член 75 од Уставот на Република Македонија, донесов одлука да не го потпишам указот за прогласување на Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнертсто меѓу страните“, вели Иванов.
Претседателот Иванов во писмото наведува пет причини поради кои одлучил да не го потпише указот.
Прво, вели дека немал мандат да го потпише затоа што во изборната програма од 2014 година навел дека нема да прифати промена на Уставот заради промена на уставното име и не прифаќа идеи што го загрозуваат македонскиот национален идентитет, а поддршка за оваа политика му дале 534.910 гласачи.
Второ, според претседателот, спогодбата излегува надвор од опфатот на резолуциите 817 и 845, затоа што во нив се зборувало за „разлика околу името на државата“, а не за „разлики“, како што стоело во спогодбата.
Трето и четврто, Иванов смета дека спогодбата не била ратификувана во согласност со уставот, односно со членовите 51, 118 и 119. Во членот 119 се вели дека меѓународните договори ги потпишува претседателот, а може да ги потпише и Владата ако тоа е определено со закон.
И петто, според Иванов, спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава, односно спрема Република Грција, а за тоа, според членот 308 од Кривичниот законик, следувала казна затвор од најмалку пет години.
„Озаконувањето на оваа спогодба создава правни последици што се основа за кривично дело“, порачува Иванов на крајот од писмото.
Собранието со 69 гласа „за“ го ратификуваше договорот со Грција на 20 јуни. Сега, ратификацијата се враќа во Собранието и ако биде изгласана со 61 глас, според Уставот, претседателот е должен да го потпише Указот.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.