Берат: Тврдина која со векови сведочи за историјата
Тврдината на градот Берат со својата широка порта, кулата за 24-часовно набљудување, музејот каде што се наоѓаат икони, урнатините од џамии, цркви и многу други објекти, продолжува да го привлекува вниманието на локалните и странските туристи

БЕРАТ (АА) - ЏИХАД АЛИУ -
Тврдината во градот Берат, во јужниот дел на Албанија, со векови сведочи за историјата, пишува Anadolu Agency (AA).
Тврдината, за која се верува дека е изградена во 4 век пр. н. е., се наоѓа на висок рид и претставува круна на античкиот град.
Тврдината на градот Берат со својата широка порта, кулата за 24-часовно набљудување, музејот каде што се наоѓаат икони на православниот уметник на икони, Онуфри, урнатините од џамии, цркви и многу други објекти, продолжува да го привлекува вниманието на локалните и странските туристи.
Една од кулите се нарекува „Табја“, што на арапски значи „специјална фортификација изработена за одбрана на некое место опремена со оружје“.
Покрај многуте артефакти што ги содржи, самата тврдина наликува на мал град поради неколкуте плоштади што се наоѓаат на неа.
Објектите во оваа тврдина, кои се уникатни, покрај место за живеење на населението претставуваат место од каде што граѓаните обезбедуваат приходи, со угостителските објекти што ги изградиле.
Од зацврстените ѕидови на тврдината можете да го видите целиот град Берат, реката Осум, која е една од притоките на реката Семен, што се влева во Јадранското Море. А исто така може да се види и историскиот мост „Горица“, кој се наоѓа на оваа река.
Со текот на времето, во тврдината доминирале Илирите, Византијците, Бугарите, Србите и Османлиите.
Според изворите, во границите на замокот се споменуваат 30 цркви, а денес има околу 10 цркви. Покрај тоа, во границите на тврдината останато е само минарето на џамијата „Фетих“, кое било изградено за време на владеењето на Бејазид Втори.
Оваа џамија, позната и како Црвена џамија поради нејзините црвени тули, изградена е во 15 век и е една од најстарите џамии во Албанија.
Исто така, постои огромна биста изградена во чест на римскиот император Константин Први или Константин Велики, кој е првиот што го прифатил христијанството и за кого се верува дека е по потекло Илир.
- Берат се наоѓа на листата за светско наследство на УНЕСКО
Градот Берат, на листата за светско наследство на УНЕСКО е вклучен во 2008 година. Во 1961 година од страна на комунистичкиот диктатор Енвер Хоџа е прогласен за „музејски град“.
Берат, поради белите куќи во него, од страна на Србите е познат како Белград (Бел град). Поради тоа, во османлискиот период Берат бил именуван како „Албански Белград“. Тој, исто така, поради историските куќи со многу прозорци бил познат и како „Мултипрозорски град“.
Градот потсетува на турскиот град Амасја поради многуте прозорци на историските куќи, кои се изградени на планинските падини.
Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) во Берат обновува 3 османлиски објекти.
ТИКА во 2018 година започна со реставрација на џамијата „Берат Хункар“, теќето „Халвети“ и џамијата „Берат Бекарлар“. Според изјавите од ТИКА, работите треба да завршат за две години.
Џамијата „Хункар“ била изградена со указ од султанот Бејазид Втори во 1492 година.
Познато е дека теќето „Халвети“ е изградено со указ на Курт Ахмет-паша за Шејх Хасан и за сектата Халвети во 1781-1782 година.
Исто така, се наведува дека историскиот мост „Горица“ бил изграден од страна на Ахмет Курт-паша во истиот период. Иако мостот претрпе големи штети кон крајот на Првата светска војна, тој беше обновен во 1920 година.
Џамијата „Бекарлар“ или по старото име џамијата „Сулејман-паша“, која е друг османлиски споменик во градот Берат, изградена е од Сулејман-паша Авлонија, синот на Ибрахим-паша од Авлонија (Валона), помеѓу 1827-1828 година.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.