свет, Коронавирус

Холандија е уште една од земјите што привремено ја запреа употребата на вакцината на Оксфорд-АстраЗенека

- Претходно одлука за привремено запирање на употребата на вакцината од АстраЗенека донесоа Ирска, Норвешка, Данска, Исланд, Романија, Италија и Бугарија.

Abdullah Aşıran  | 15.03.2021 - Обновена : 16.03.2021
Холандија е уште една од земјите што привремено ја запреа употребата на вакцината на Оксфорд-АстраЗенека

РОТЕРДАМ

Холандија објави дека привремено ја запира употребата на вакцината против новиот вид коронавирус (Ковид-19) развиена од Универзитетот „Оксфорд“ и фармацевтската компанија „АстраЗенека“, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во писменото соопштение што го објави Министерството за здравство на Холандија се наведува дека Агенцијата за лекови на оваа земја (ЦБГ), врз основа на новите информации, поради претпазливост и понатамошно истражување препорачала да се запре употребата на вакцината од АстраЗенека.

Министерот за здравство Хуго де Јонге изјави дека ќе ја следи оваа препорака и дека привремено ќе ја запре употребата на вакцината против Ковид-19 до 28 март.

Во соопштението се нагласува дека договорените вакцинации со вакцината на АстраЗенека ќе бидат откажани.

Викендов беа достапни нови информации, при што се споделени шест нови извештаи во врска со потенцијалните несакани ефекти во земјите Данска и Норвешка.

Претходно, одлука за привремено запирање на употребата на вакцината од АстраЗенека донесоа Ирска, Норвешка, Данска, Исланд, Романија, Италија и Бугарија.

Директорот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебреисус, истакна дека се свесни дека некои земји ја суспендирале употребата на вакцината Оксфорд-АстраЗенека и дека испитувањата во врска со оваа вакцина се во тек.

Маргарет Харис, портпаролката на СЗО, рече: „АстраЗенека е одлична вакцина како и секоја друга вакцина што се користи. Нема ниту една причина да не се користи. Ги анализиравме податоците во врска со смртните случаи. До денес нема докази дека некоја смрт е последица од вакцинацијата.“



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.