Melike Pala
09 Март 2026•Ажурирај: 09 Март 2026
БРИСЕЛ (AA) - Руски хакери поврзани со државата најверојатно дошле до чувствителни информации преку компромитирање на профилите на апликациите „Ватсап“ и „Сигнал“ на вработени во холандската Влада, објави денес радиодифузерот НОС, повикувајќи се на холандските разузнавачки служби, пренесува Анадолу.
Воената разузнавачка и безбедносна служба (MIVD) и Генералната разузнавачка и безбедносна служба (AIVD) соопштија дека цел на кибернападите биле високи функционери, воен персонал и државни службеници. Се верува дека меѓу потенцијалните цели се и новинари.
Портпаролот на холандското Министерство за одбрана изјави дека е нејасно какви конкретни информации барале руските хакери.
Според извештајот на МИВД за 2024 година, Холандија е привлечна цел за Русија поради нејзината улога во поддршката на Украина, како и присуството на големи технолошки компании и меѓународни институции, како што е Меѓународниот кривичен суд.
Извештајот на АИВД за 2024 година, исто така, забележува дека Холандија функционира како голем центар за податоци и транспортни мрежи, што ја прави стратегиска цел за руските разузнавачки операции.
Разузнавачките агенции наведоа дека хакерите првенствено се обидуваат да ги добијат податоците за најава на корисниците преку лажно претставување како „чет-бот“ од услугата за пораки „Сигнал“.
Штом хакерите ќе добијат пристап, тие можат да ја преземат контролата врз профилот и да ги следат разговорите во чет-групите без корисникот да забележи.
Според агенциите, руските актери се особено заинтересирани за разговорите на „Сигнал“ бидејќи оваа платформа има репутација на доверливост и нуди шифрирани (енкриптирани) комуникации, поради што е широко користена во владините институции.
Службата МИВД предупреди дека „Сигнал“ и „Ватсап“ не се соодветни канали за испраќање чувствителни или доверливи информации, иако разговорите се шифрирани.