Филипини: Претседателот Дутерте побара Кина да си ги повлече подарените вакцини на „Синофарм“ против Ковид-19
- Претседателот Дутерте, кој беше критикуван за примената на вакцината против Ковид-19 од „Синофарм“, која не е одобрена за употреба на Филипините, побарал од Кина да си ги повлече назад 1.000-те дози вакцини што ги донирала.

АНКАРА
Филипинскиот претседател Родриго Дутерте побара од Кина да ги земе назад донираните вакцини од компанијата „Синофарм“ против новиот вид коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА)
Според веста што ја објави „Би-би-си“ (BBC), претседателот Дутерте, кој беше критикуван за примената на вакцината против Ковид-19 од „Синофарм“, која не е одобрена за употреба на Филипините, побарал од Кина да си ги повлече назад 1.000-те дози вакцини што ги донирала.
Дутерте изрази жалење, прифаќајќи ги критиките дека е ризична употребата на вакцината против Ковид-19, која сè уште не е одобрена во земјата.
Наведувајќи дека лекарите препорачуваат употреба на вакцина за заштита од Ковид-19, Дутерте истакна дека ситуацијата со вакцината на „Синофарм“, со која и самиот е вакциниран, треба да се процени во рамките на случаите кога таа се користи кај пациенти од хуманитарни причини, иако нема добиено одобрение од релевантните органи.
Од друга страна, според вестите објавени во филипинскиот печат, Дутерте, истакнувајќи дека е опасно да се користи неодобрена вакцина, ја употреби фразата: „Не ги следете моите чекори.“
На Филипините луѓето против Ковид-19 се вакцинираат со вакцината на британско-шведската фармацевтска компанија „АстраЗенека“, развиена во соработка со Универзитетот „Оксфорд“ и вакцината на кинеската компанија „Синовак“.
Дутерте, кој на 4 мај ја прими вакцината на кинеската компанија „Синофарм“ против Ковид-19, изјави дека долго време ја чекал оваа вакцина.
На Филипините, која е една од земјите најпогодени од коронавирусот во Југоисточна Азија, во последните 24 часа се регистрирани 6.637 новозаразени со Ковид-19.
Вкупниот број лица позитивни на коронавирусот во земјата се искачи на 1.080.172.
Во последните 24 часа на Филипини починаа 191 лице од последици поврзани со Ковид-19, со што вкупниот број на смртни случаи достигна 17.991.