свет, Коронавирус

Германија: Пристигнува првата пратка од вакцините на „Модерна“

Министерот Спан изјави дека германските здравствени власти во текот на идните денови ќе ја користат и едната и другата вакцина, но дека граѓаните нема да можат да бираат која ќе ја добијат

Ayhan Şimşek   | 11.01.2021
Германија: Пристигнува првата пратка од вакцините на „Модерна“

БЕРЛИН (АА) - Првата пратка од вакцините против Ковид-19 на „Модерна“ ќе пристигне денес во Германија, најави министерот за здравство, Јенс Спан, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Спан за јавната телевизија ЗДФ изјави дека „Модерна“ ќе испорача 2 милиони дози до крајот на март и речиси 50 милиони дози во текот на 2021 година.

„Првата серија вакцини ќе биде поделена на покраините до утре, а ние ќе можеме да ги користиме и тие вакцини“, изјави тој.

Вакцината на американската фармацевтска компанија „Модерна“ е втора одобрена вакцина во Европската Унија, по вакцината на БајоНТек/Фајзер, која е одобрена во декември.

Спан изјави дека германските здравствени власти во текот на идните денови ќе ја користат и едната и другата вакцина, но дека граѓаните нема да можат да бираат која ќе ја добијат.

Германија започна да ја применува вакцината на БајоНТек/Фајзер на 26 декември, кратко откако беше одобрена од ЕУ, но Владата на канцеларката Ангела Меркел се соочува со остри критики поради спорото темпо на вакцинација.

Од неделата во Германија се вакцинирани речиси 533.000 лица, а повеќе од 9 милиони во Кина, 8 милиони во САД, 2 милиони во Велика Британија и 1,8 милиони дози вакцини се дадени во Израел.

Германија се наоѓа на петтото место по бројот на заразени од Ковид-19 во западниот дел на Европа, по Велика Британија, Франција, Италија и Шпанија.

Во оваа земја се регистрирани над 1,92 милиони случаи на Ковид-19, со најмалку 40.686 смртни случаи.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.