Турција, Коронавирус

Во Турција започна контролирана нормализација: Учениците се враќаат во училиштата

Низ Турција од 7:00 до 19:00 часот е дозволена работата на рестораните, слаткарниците, кафетериите, чајџилниците и сличните услужни објекти, кои можат да користат до 50 отсто од капацитетот.

İbrahim Halil Aktürk,Emrah Gökmen,Alptekin Soykan,Muhammed Gencebay Gür,Halis Akyıldız,Başak Akbulut Yazar   | 02.03.2021
Во Турција започна контролирана нормализација: Учениците се враќаат во училиштата ( Foto: Mehmet Emin Mengüarslan/ Anadolu Agency )

ИСТАНБУЛ

Во Турција денес започна ублажувањето на рестриктивните мерки во борбата против пандемијата на коронавирусот (Ковид-19) и тоа во согласност со контролираната нормализација која синоќа ја најави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).

Низ Турција од 7:00 до 19:00 часот е дозволена работата на рестораните, слаткарниците, кафетериите, чајџилниците и сличните услужни објекти, кои можат да користат до 50 отсто од капацитетот.

Исклучок се подрачјата кои поради лошата епидемиолошка слика се прогласени за високоризични и ублажувањето на мерките во нив е одложено.

Рестораните во Истанбул започнаа да ги примаат своите гости. Жителите по неколку месеци имаат можност да јадат надвор од своите домови, а персоналот и понатаму предупредува на превентивните мерки за носење маски и одржување физичко растојание.

Во Турција денес се отворени и основните училишта и учениците со автобуси или во придружба на родителите се враќаат во училниците.

Угостителите во популарните истанбулски квартови ги примаат гостите и ги уредуваат своите објекти во согласност со препораките на надлежните власти, што бараат да не се надминува половината од капацитетот.

Покрај примањето на првите гости, истанбулските угостители продолжуваат со достава, која во изминатите недели беше единствен начин на работа.

На улиците на Истанбул е забележан и зголемен сообраќаен метеж, а посебно на улиците кои го поврзуваат азискиот и европскиот дел од градот на Босфорот.

Претседателот Ердоган синоќа изјави дека властите внимателно ја следат епидемиолошката ситуација и борбата против пандемијата во светот и дека на основа на тоа ја ажурираат сопствената стратегија на борбата.

Истакнувајќи дека во Турција вакцината против Ковид-19 ја примиле повеќе од десет отсто од жителите, претседателот Ердоган изјави дека таа земја по тоа е меѓу петте најдобри држави во светот.

Ердоган исто така изјави дека текот на новиот период на контролирана нормализација ќе зависи особено од епидемиолошката ситуација и дека таа ќе ја диктира брзината на ублажување или заострување на превентивните мерки.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.