Ердоган: Арапско-исламскиот самит во Доха ја покажува непоколебливата поддршка на исламскиот свет за Катар
- „Нападот на Израел врз преговарачкиот тим на Хамас во Катар го подигна разбојништвото на Израел на сосема ново ниво“, изјави Ердоган.

ИСТАНБУЛ (АА) - Арапско-исламскиот самит во главниот град на Катар, Доха, што се одржува по минатонеделниот израелски напад врз градот, ја покажува непоколебливата поддршка на исламскиот свет за оваа земја од Персискиот Залив, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.
„Нападот на Израел врз преговарачкиот тим на Хамас во Катар го подигна разбојништвото на Израел на сосема ново ниво“, изјави Ердоган во своето обраќање на вонредниот самит на Организацијата за исламска соработка (ОИС) и Арапската лига.
„Се соочуваме со (израелскиот) терористички менталитет кој се храни со хаос и крв, и со држава која го отелотворува тоа“, вели Ердоган.
„Неоспорен факт е дека целта на владата на Нетанјаху е да продолжи со масакрот и геноцидот во Палестина, а воедно да го дестабилизира регионот“, изјави тој, додавајќи: „Мораме да ги интензивираме нашите дипломатски напори за заострување на санкциите врз Израел“.
Исламскиот свет има средства и способност да ги спречи експанзионистичките амбиции на Израел, рече Ердоган, нагласувајќи дека Израел мора да биде притиснат и економски.
„Анкара ќе продолжи со непоколебливата борба до воспоставување палестинска држава врз границите од 1967 година, со територијален интегритет и Источен Ерусалим како главен град“, изјави Ердоган.
„Турција секогаш e со својот пријателски и братски сојузник Катар“, повтори претседателот, додавајќи дека Анкара е подготвена да ги сподели капацитетите на одбранбената индустрија со братските земји.
„Мораме да ја интензивираме соработката за да победиме во наредните децении“, додаде Ердоган.