Во Италија вакцинацијата за Ковид-19 ќе започне во јануари и ќе биде бесплатна
Министерот за здравство на Италија, Роберто Сперанца: „За првите резултати да останат стабилни, мораме да се жртвуваме и во наредните недели. Да не се лажеме, ако не внимаваме, третиот бран ќе биде на врата.“

РИМ (АА) - Министерот за здравство на Италија, Роберто Сперанца, истакна дека бесплатната вакцинација за Ковид-19 ќе започне да се реализира во јануари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Сперанца во своето обраќање на Генералното собрание на Сенатот, осврнувајќи се на падот на кривата на случаи со Ковид-19, рече: „Ситуацијата сѐ уште е многу сериозна и не треба да се потценува. Целта на Владата е без да се оди на целосно затворање кривата на епидемијата да биде во пад.“
Наведувајќи дека вториот бран на епидемијата е сѐ уште висок, Сперанца нагласи: „За првите резултати да останат стабилни, мораме да се жртвуваме и во наредните недели. Да не се лажеме, ако не внимаваме, третиот бран ќе биде на врата.“
Министерот за здравство на Италија исто така истакна дека за да не се соочат со третиот бран на епидемијата во пресрет на новогодишните и божиќните празници треба да се пристапи со најголема сериозност и дека не сакаат повторно да се затвораат во јануари.
Сперанца сигнализира дека патувањето меѓу регионите и градовите ќе биде ограничено на 25-26 декември и 1 јануари 2021 година.
Истакнувајќи дека набавката на вакцината ќе биде централизирана и ќе се спроведува бесплатно, Сперанца рече: „Веројатно ќе бидат потребни две дози на вакцина. Италија има потреба од 202 милиони дози вакцина. Со првите дози може да започнеме во јануари. Приоритетни категории за вакцинација се: здравствени работници, вработените во социјалните здравствени установи, станарите во домовите за стари лица и тие што работат таму.“
Министерот Сперанца исто така нагласи дека не сакаат вакцината Ковид-19 да ја направат задолжителна за сите во оваа фаза и дека со вакцината целта е да се постигне колективен имунитет.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.