живот

Во старите квартови на Багдад сè уште живее традицијата на споделување ифтар меѓу соседите

Оваа традиција се смета за одраз на духот на солидарноста и братството што доминира за време на месецот Рамазан

Haydar Karaalp  | 13.03.2026 - Обновена : 13.03.2026
 Во старите квартови на Багдад сè уште живее традицијата на споделување ифтар меѓу соседите Фото: Murtadha Al-Sudani/АА

БАГДАД (АА) - Во ирачкиот главен град Багдад продолжува да живее специфичната рамазанска традиција позната како „ифтар од сосед за сосед“, јавува Анадолу.

Во старите маала на Багдад, каде што населението е најгусто, кога сонцето полека се повлекува зад хоризонтот, а езанот се подготвува да ја објави вечерната тишина, семејствата ги подготвуваат ифтарските чинии и ги праќаат до соседите.

Оваа традиција се смета за одраз на духот на солидарноста и братството што доминира за време на месецот Рамазан.

Најживописен дел од оваа традиција се децата. Тие се малите гласници што, со чинии во рацете, брзаат од една до друга порта.

Јадењата што се споделуваат меѓу соседите обично се традиционални рамазански, како супа, ориз, сарма (долма) и самбоса, како и урми и разни напивки карактеристични за овој месец.

Жителите на Шаваке, една од старите населби на древниот Багдад, велат дека и покрај брзите промени во животот, оваа традиција опстојува со години и претставува важна социјална врска што ги зајакнува соседските односи.

- „Чинијата пратена до соседот никогаш не се враќа празна“ -

Хајдар Ебу Сеџад, жител на Багдад, во изјавата за дописникот на АА, вели дека оваа рамазанска традиција е наследство од нивните предци.

„Ова се наши стари обичаи. Децата и новите генерации се запознаваат со оваа традиција од нивните постари. Кога детето, по налог на својата мајка, ќе му однесе чинија супа на соседот, таа чинија никогаш не се враќа празна. Тоа е круг на изобилство, а соседот ќе ја наполни со дел од сопствената трпеза и со благослов ќе ја врати назад.“

Ебу Сеџад додава дека ифтарските чинии најчесто го наоѓаат патот до оние на кои поддршката им е најпотребна, до семејствата во социјален ризик во населбата, што е вистински одраз на духот на солидарноста во општеството.

Ебу Абас, исто така, жител на Багдад, потврдува дека традицијата „ифтар од сосед за сосед“ е аманет од предците.

„Ние како соседи со години си чукаме на портите за време на ифтар или сехур и си нудиме храна. Споделуваме алва, ориз со доматен сос, супи и многу други јадења“, вели тој.

Ебу Абас, кој веќе 75 години ги дочекува рамазанските вечери на ист праг, истакнува дека овој обичај неизмерно ги зајакнува меѓучовечките односи.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın