живот

Турција: Рамазанските сомуни неизоставен дел од ифтарската трпеза

Рамазанските сомуни, во Турција познати како „рамазан пидеси“, по форма можат да бидат долгнавести или кружни, а врз нив се става црн ким кој им дава посебен вкус

Serhat Çetinkaya  | 09.05.2021 - Обновена : 12.05.2021
Турција: Рамазанските сомуни неизоставен дел од ифтарската трпеза ( Foto: Serhat Çetinkaya / Anadolu Agency )

КОЊА

Муслиманите во Турција, како и во остатокот од светот, го одбележуваат месецот Рамазан, кога дневниот пост го завршуваат со оброк наречен ифтар, чиј неизоставен дел се рамазанските сомуни или питарки, јавува Агенција Анадолија (АА).

Така е и во градот Коња во кој локалните пекарници работат многу повеќе отколку во другиот период за да навреме ги подготват сомуните за своите сограѓани.

Рамазанските сомуни, во Турција познати како „рамазан пидеси“, по форма можат да бидат долгнавести или кружни, а врз нив се става црн ким кој им дава посебен вкус.

- Долги редици пред пекарниците -

Во текот на месецот Рамазан во Турција пред пекарниците често можат да се видат долги редици од луѓе што чекаат топли и вкусни сомуни.

Мајсторот за сомуни, Фатих Сендагли, истакнува дека сомуните веќе одамна станале традиција и неизоставен дел од месецот Рамазан.

„Во денешно време сè повеќе има пекарници, а сè повеќе и различни производи. Се прават стотици видови леб, но ние и понатаму продолжуваме да подготвуваме традиционални сомуни“, рече Сендагли.

- Даваат посебна убавина на рамазанските софри -

Истакна дека топлите сомуни даваат посебна убавина и доживување на рамазанските трпези.

„Рамазанските сомуни се дел од нашата традиција и обичаи. Кога ќе спомнете ифтар, прво на што ќе се сетите е токму сомунот. Поради тоа сомуните се многу барани во текот на Рамазан. Многу е убаво чувството да се видат муштериите додека ги преземаат своите топли сомуни што ги подготвуваме“, рече Сендагли и додаде:

„Во Рамазан посебно се барани сомуните. Да ги подготвиме во некои други денови не би биле толку барани бидејќи во Рамазан некако имаат посебен мирис и вкус.“

Онур Услу, еден од муштериите кој редовно купува сомун, рече дека секоја вечер по работа оди до пекарница да купи сомун за да го дочека подготвено ифтарот.

Како што рече, рамазанскиот сомун на некој начин е круна на рамазанската трпеза.

Сомунот, вид мал леб, зазема важно место на рамазанското мени и во земјите во регионот. Иако секогаш можат да се купат во пекарниците, сомуните посебно мирисаат за време на Рамазан.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın