живот

Регионална конференција за безбедноста на жените и девојките во урбаните средини

Регионална конференција „Право на град за сите“, каде што претставниците на локалните институции од Македонија и од Косово, но и од меѓународни институции, дебатираат околу промоцијата на зајакнувањето на безбедноста во урбаните јавни простори

Bekim Laci  | 06.12.2017 - Обновена : 06.12.2017
Регионална конференција за безбедноста на жените и девојките во урбаните средини

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје започна дводневна регионална конференција „Право на град за сите“, каде што претставниците на локалните институции од Македонија и од Косово, но и од меѓународни институции, вклучувајќи ги „UN Women“ – Македонија и „UN Habitat“ – Косово, ќе дебатираат околу промоцијата на зајакнувањето на безбедноста во урбаните јавни простори, со фокус на жените и девојките, јавува Anadolu Agency (AA).

На отворањето на конференцијата, Доминика Стојановска, шеф на канцеларијата на „UN Women“ во Скопје, истакна дека вклучувањето на жените и девојките во урбаните средини се висок приоритет на „UN Women“ – Македонија и „UN Habitat“ – Косово, но и на двете држави, бидејќи со потпишувањето на агендата за развој и одржливите стратешки цели, државите се посветени за инклузивни градови и родова еднаквост.

Како што рече Стојановска, девојките во урбаните средини во светот се соочуваат со сексуално вознемирување, почнувајќи од потсвирнување, па сѐ до силување, инциденти коишто се случуваат во автобус, воз, на пазар или во градските паркови, што резултира со тоа што жените одбиваат да ги користат овие јавни добра, па затоа се бара поддршка од државните институции за елиминирање на овие пречки со коишто се соочуваат жените.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, истакна дека прашањето на безбедните јавни средини е прашање за коешто не се разговара во општеството. Во меѓувреме, голем број жени имаат страв да се движат на одредени улици во градот, и обврска на локалната и на централната власт е да им обезбеди на граѓаните осветлени улици за жените, но и мажите да се чувствуваат сигурни, додаде Царовска.

„Истражувањата покажуваат дека 30 отсто од жените не се чувствуваат безбедно преку ден, но овој број двојно се зголемува кога е темно. Шеесте отсто од жените не излегуваат навечер од страв бидејќи не се чувствуваат безбедни, што покажува дека нашите средини не се безбедни“ пренесе Царовска, која рече дека вклучувањето на жените во политиката и во општествениот живот може да се случи само преку обезбедување услови за безбедни средини, но тоа бара измена на повеќе постоечките закони.

Гвендолин Менетриеро од „UN Habitat“ – Косово, вели дека криминалот се случува секаде во светот, но, како што нагласи таа, граѓаните не треба да се потпираат само на заштитата што ја нуди полицијата, бидејќи пред сѐ, треба да се изградат јавни средини коишто ќе овозможат жените да се чувствуваат безбедни.

„Денес не можеме да зборуваме за одржлив урбан развој ако немаме безбедност, и не може да има безбедност без да постои урбан развој. На нашите улици недостига јавното осветлување и транспорт, затоа „UN Habitat“ веќе долго време работи во партнерство со различни организации, за реализирање на овие цели, бидејќи само така ќе се елиминира насилството врз жените во јавните средни“, додаде таа.

На првиот ден на конференцијата ќе биде претставен профилот на јавните средини на Приштина, и ревизијата на јавната средина во Скопје, каде што потоа експертите од Болоња, Италија, од општина Париз, како и од Индија ќе дискутираат за најдобрите меѓународни практики.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.