економија

„Нвидија“ стана првата компанија во историјата со пазарна вредност од 5 билиони долари

Акциите на производителот на чипови се зголемија за 5,1 % поради растечката побарувачка за технологии со вештачка интелигенција (AI)

Mücahithan Avcıoğlu  | 29.10.2025 - Обновена : 31.10.2025
„Нвидија“ стана првата компанија во историјата со пазарна вредност од 5 билиони долари

ИСТАНБУЛ (AA) – Американскиот технолошки гигант „Нвидија“ денес стана првата компанија во светот што достигна пазарна вредност од 5 билиони долари, јавува Анадолу.

Акциите на производителот на чипови се зголемија за 5,1 % поради растечката побарувачка за технологии со вештачка интелигенција (AI).

„Нвидија“ овој јули беше и првата компанија во историјата што го достигна прагот на пазарна вредност од 4 билиони долари.

Порастот е поттикнат од бумот на вештачката интелигенција, кој придонесе и американските берзи да достигнат рекордни вредности два дена по ред, при што и Епл и Мајкрософт ја надминаа вредноста од 4 билиони долари.

Компанијата со седиште во Калифорнија, основана во 1993 година, првпат го премина прагот од 2 билиони долари во февруари 2024 година, а потоа и од 3 билиони долари во јуни.

Најновиот пораст следува по изјавата на извршниот директор Џенсен Хуанг, кој откри дека компанијата очекува нарачки за чипови со вештачка интелигенција во вредност од 500 милијарди долари, како и планови за изградба на седум нови суперкомпјутери за американската Влада.

„Нвидија“ вчера објави дека ќе инвестира 1 милијарда долари во Нокија со цел воспоставување стратешко партнерство за развој на 6G-мобилна технологија.

Компанијата значително профитираше од сè поголемата побарувачка за процесори и опрема со вештачка интелигенција, особено по развојот на четботови со вештачка интелигенција како Чет џи-пи-ти, што го зацврсти нејзиното водечко место на глобалниот пазар.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.