политика, Балкан

Успешно одржан Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи во Сараево

Форумот ги собра министрите за внатрешни работи и правда на земјите од Западен Балкан, високите претставници на Европската Унија, комесарите за внатрешни работи и правда и претставниците на релевантните европски агенции.

Elvır Hodzıc  | 31.10.2025 - Обновена : 31.10.2025
 Успешно одржан Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи во Сараево Фото: Elman Omić/АА

САРАЕВО (АА) - Босна и Херцеговина беше домаќин на Министерскиот форум Европската Унија-Западен Балкан за правда и внатрешни работи, кој успешно се одржа на 30 и 31 октомври во Сараево. Настанот беше организиран под покровителство на данското претседателство со Советот на Европската Унија, во соработка со Министерството за безбедност и Министерството за правда на Босна и Херцеговина, јавува Анадолу.

Форумот ги собра министрите за внатрешни работи и правда на земјите од Западен Балкан, високите претставници на Европската Унија, комесарите за внатрешни работи и правда и претставниците на релевантните европски агенции.

За време на дводневните разговори учесниците ја потврдија својата заедничка посветеност на зајакнувањето на партнерството меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан во областите на правдата, внатрешните работи, борбата против криминалот и управувањето со миграцијата.

- Донесени се тешки закони -

Министерот за правда на Босна и Херцеговина, Давор Буноза, нагласи дека форумот бил многу успешен со размена на искуства и конструктивни дискусии за европскиот пат на Босна и Херцеговина, борбата против корупцијата, интегритетот на изборите, владеењето на правото и борбата против говорот на омраза.

„Донесовме тешки закони, но на европскиот пат мора и да ги спроведеме. Многу е важно што оваа година го усвоивме целиот Закон за судскиот и обвинителскиот совет и Законот за Судот на Босна и Херцеговина“, рече Буноза и им се заблагодари на сите за успешната организација на овој меѓународен собир.

Данскиот министер за правда Петер Хумелгард на прес-конференција нагласи дека дводневниот форум е одлична можност за јакнење на соработката во областа на внатрешните работи, правдата и владеењето на правото.

„Денес разговаравме за јакнењето на владеењето на правото преку судски реформи и борбата против корупцијата. Токму борбата против корупцијата и борбата против организираниот криминал се исклучително важни за данското претседавање со Европската Унија. Силни, независни и транспарентни судски системи се исклучително важни. Во тој контекст, денес имавме конструктивна дискусија за тоа како да се осигури независноста на овие системи“, рече Хумелгард.

- Важни теми -

Нагласувајќи дека отпорноста на демократијата зависи од целата заедница, Хумелгард рече дека приоритет е јакнењето на дијалогот меѓу власта и граѓанското општество.

„Беше големо задоволство да ја искористам оваа можност да дискутираме за низа важни теми со нашите партнери од Западен Балкан“, додаде тој.

Европскиот комесар за демократија, правда, владеење на правото и заштита на потрошувачите, Мајкл Мекграт, на новинарите им изјави дека ваквите годишни собири се важна можност за дискусија и идентификување на заедничките предизвици и јакнење на соработката во релевантните области.

„Ова е моја прва можност да присуствувам на министерски форум како комесар и мора да кажам дека тоа беше многу афирмативен и конструктивен собир за јакнење на нашите врски и соработка со колегите во регионот“, рече Мекграт.

Укажувајќи на многубројните заеднички предизвици на Европската Унија и Западен Балкан, комесарот Мекграт истакна дека Европската комисија ќе продолжи да им обезбедува финансиска и друга помош на партнерите во спроведувањето на нивните реформи на европскиот пат.

„Се радувам на продолжувањето на соработка со нашите партнери и уверен сум дека преку вакви дискусии заедно ќе го градиме и зајакнеме владеењето на правото, демократијата и нашите заеднички вредности и права“, заклучи тој.

- Потпишан нов Акциски план за борба против тероризмот -

На маргините на форумот, на 30 октомври, Европската Унија и партнерите од Западен Балкан потпишаа нов Заеднички акциски план за спречување и борба против тероризмот и насилниот екстремизам, кој ги надградува резултатите од планот потпишан во 2018 година. Со овој документ повторно е потврдена решеноста на земјите од регионот и ЕУ да ја зајакнат соработката во борбата против тероризмот и радикализацијата.

Учесниците дискутираа за голем број теми, вклучително и безбедноста на интернет, борбата против радикализацијата, трговијата со дрога и организираниот криминал. Беше нагласено дека дигиталните платформи и социјалните мрежи претставуваат нови канали за ширење на екстремизмот и дека ЕУ и земјите од регионот ќе продолжат со заедничките напори во превенцијата преку соработка со агенциите, како што се Европол и ЦЕПОЛ.

- Фокус на безбедноста, миграцијата и визната политика -

Посебно внимание им беше посветено на миграцијата, азилот и управувањето со границите, како и на усогласувањето на визната политика со стандардите на Европската Унија. Беше нагласено дека напредокот во спроведувањето на Акцискиот план на ЕУ за Западен Балкан од 2022 година е веќе видлив, а соработката со Фронтекс е означена како клучен сегмент во борбата против шверцот на мигранти и трговијата со луѓе.

Европската Унија потврди дека ќе продолжи со својата политичка и финансиска поддршка на земјите од Западен Балкан во овие области и ги охрабри дополнителните чекори кон хармонизација на визните политики, промовирање на легални миграциски маршрути и јакнење на соработката за враќање и реадмисија на мигрантите.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.