економија

„Арамко“ предупредува на „катастрофални“ последици за пазарот на нафта доколку продолжи блокадата на Ормутскиот Теснец

Извршниот директор на „Арамко“, Амин Насер, изјави дека долготрајното затворање на теснецот „би можело да доведе до катастрофални последици за глобалните пазари на нафта“

Mohammad Sıo  | 11.03.2026 - Обновена : 11.03.2026
„Арамко“ предупредува на „катастрофални“ последици за пазарот на нафта доколку продолжи блокадата на Ормутскиот Теснец

ИСТАНБУЛ (АА) – Саудискиот нафтен гигант „Арамко“ денес предупреди на катастрофални последици за глобалните пазари на нафта доколку продолжи блокадата на Ормутскиот Теснец, во услови на американско-израелската офанзива против Иран, јавува Анадолу.

Извршниот директор на „Арамко“, Амин Насер, на прес-конференцијата изјави дека долготрајното затворање на теснецот „би можело да доведе до катастрофални последици за глобалните пазари на нафта“, пренесува саудиската телевизија Ал Ехбарија.

Ебрахим Џабари, советник на командантот на Иранската револуционерна гарда, на 2 март објави дека Ормутскиот Теснец е затворен, предупредувајќи дека секој брод што ќе се обиде да помине ќе биде цел на напад.

Насер ја опиша тековната криза како „убедливо најголем предизвик со кој некогаш се соочил секторот за нафта и гас во регионот”.

Нарушувањето на пловидбата во Ормутскиот Теснец не влијае само врз поморскиот транспорт и осигурување туку се заканува и со пошироки реперкусии за секторите, како што се, авијацијата, земјоделството и автомобилската индустрија.

Глобалните резерви на нафта „се на најниско ниво во последните пет години и би можеле да се намалуваат уште побрзо доколку кризата продолжи“, предупреди тој.

Цените на нафтата во понеделникот накратко скокнаа на рекордни 120 долари за барел, а вчера паднаа на околу 92 долари по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп со кои сугерираше дека војната би можела наскоро да заврши.

Покрај затворањето на Ормутскиот Теснец, клучна транзитна маршрута за нафтените танкери, Иран изврши напади врз, како што тврди, американски бази и интереси во земјите од Персискиот Залив, Ирак и Јордан.

Некои од тие напади погодија и енергетски постројки и тоа принуди неколку земји да го намалат производството, предизвикувајќи пораст на цените на енергентите и зголемувајќи го стравот од влошување на инфлацијата низ светот.

Регионалната ескалација се интензивираше на 28 февруари, кога Израел и Соединетите Американски Држави извршија заеднички напади врз Иран, во кои се убиени повеќе од 1.300 лица и 10.000 се повредени, известуваат иранските власти.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın