ИСТАНБУЛ (АА) – Националната енергетска компанија на Турција, ТПАО и американскиот енергетски гигант „Шеврон“ потпишаа меморандум за разбирање за процена на потенцијална соработка во истражувањето и производството на нафта и природен гас, соопшти денес турскиот министер за енергетика и природни ресурси, пренесува Анадолу.
„Со овој Меморандум за разбирање имаме цел да развиеме заеднички проекти и во Турција и на меѓународно ниво“, напиша Алпарслан Бајрактар на турската платформа за социјални медиуми NSosyal.
Тој истакна дека меѓународните иницијативи ќе ја поддржат тековната работа на наоѓалиштето Габар во Југоисточна Турција, како и во Црното Море, а наедно ќе придонесат за остварување на целта на ТПАО да стане глобална компанија со производствен капацитет од еден милион барели.
Бајрактар додаде дека наскоро ќе бидат потпишани нови договори со различни меѓународни партнери и дека јавноста ќе биде информирана за конкретните реализирани проекти.
Договорот следува по претходно потпишаниот меморандум меѓу ТПАО и подружницата на „ЕксонМобил“, ЕСО Експлорејшн Интернешнл Лимитед, кој опфаќа нови подрачја за истражување во Црното и Средоземното Море, како и други потенцијални региони.
