свет

Кошта: Одлуката на САД за привремено укинување на санкциите за руска нафта е загрижувачка за европската безбедност

- Кошта порача дека одржувањето економски притисок врз Русија е „одлучувачко“ за да се поттикне Москва на „сериозни“ преговори

Melike Pala  | 13.03.2026 - Обновена : 13.03.2026
Кошта: Одлуката на САД за привремено укинување на санкциите за руска нафта е загрижувачка за европската безбедност

БРИСЕЛ (АА) – Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денес изрази загриженост поради едностраната одлука на Соединетите Американски Држави (САД) привремено да ги укинат санкциите за извоз на руска нафта, предупредувајќи дека ваквиот потег може да има последици за европската безбедност, јавува Анадолу.

„Едностраната одлука на САД да ги укинат санкциите за извоз на руска нафта е многу загрижувачка, бидејќи влијае врз европската безбедност“, напиша Кошта на американската компанија за социјални медиуми Х.

Тој нагласи дека одржувањето економски притисок врз Русија е „одлучувачко“ за да се поттикне Москва на „сериозни“ преговори.

„Ублажувањето на санкциите ги зголемува ресурсите на Русија за водење на војната на агресија кон Украина“, додаде Кошта.

Одделно, портпаролката на Европската комисија, Шивон Мекгaри, изјави дека Европската Унија и натаму има доверба во ефективноста на режимот на санкции и ограничувањето на цената на руската сурова нафта.

„Русија апсолутно не треба да има корист од војната со Иран“, нагласи Мекгaри.

Друга портпаролка на Комисијата, Паула Пињо, исто така истакна дека ЕУ не смета дека ова е момент за намалување на притисокот врз Москва, посочувајќи дека Русија значително ги зголемила приходите од извоз на енергенси од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток.

Изјавите следуваат откако американските власти вчера, според медиумски извештаи, привремено дозволиле купување руска нафта која се наоѓа на танкери на море, со цел стабилизирање на глобалните енергетски пазари.

Според медиумите, заклучно со 12 март околу 124 милиони барели руска сурова нафта се чуваат на море на околу 30 локации низ светот, количина што одговара на приближно пет до шест дена од глобалната понуда.

Американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, изјави дека мерката има за цел да спречи нарушувања на пазарот и да го намали притисокот врз цените на енергенсите.

„Привременото зголемување на цените на нафтата е краткорочно нарушување кое на долг рок ќе донесе значителна корист за нашата нација и економија“, рече Бесент.

Цените на нафтата нагло пораснаа од почетокот на војната со Иран.

Пред конфликтот, цената на барел сурова нафта се движеше меѓу 60 и 70 долари, додека од почетокот на оваа недела речиси се удвои и достигна меѓу 100 и 120 долари за барел.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.