економија

Продажбата на „Тесла“ во ЕУ падна за 34% во ноември поради кинеската конкуренција и политичкиот отпор

- Компанијата на милијардерот Илон Маск продала 12.130 возила во ЕУ минатиот месец наспроти 18.430 продадени единици во овој период лани.

Mücahithan Avcıoğlu  | 23.12.2025 - Обновена : 24.12.2025
Продажбата на „Тесла“ во ЕУ падна за 34% во ноември поради кинеската конкуренција и политичкиот отпор

ИСТАНБУЛ (АА) – Продажбата на американскиот производител на електрични возила „Тесла“ во Европската Унија во ноември се намалила за 34,2 проценти на годишно ниво, покажуваат податоците објавени денес од Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA), јавува Анадолу.

Според извештајот, компанијата на милијардерот Илон Маск продала 12.130 возила во ЕУ минатиот месец наспроти 18.430 продадени единици во овој период лани.

Пазарниот удел на „Тесла“ се намалил на 1,4 проценти од 2,1 процент во ноември минатата година.

Во првите 11 месеци од годинава продажбата на „Тесла“ во ЕУ паднала за 38,8 проценти во споредба со истиот период од 2024 година, достигнувајќи 129.024 продадени возила.

На европско ниво, вклучително и земјите од ЕУ, Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА) и Обединетото Кралство, продажбата на компанијата, исто така, се намалила за 11,8 проценти на годишно ниво, на 22.801 возило.

За разлика од падот кај „Тесла“, вкупната продажба на електрични возила со батерии во ЕУ пораснала за 44,1 процент, достигнувајќи 188.730 единици.

Кинескиот производител БЈД, еден од главните конкуренти на „Тесла“, пак, забележал драматичен раст на продажбата во ЕУ од 235,2 проценти на годишно ниво, со 16.158 продадени возила.

Пазарниот удел на БЈД пораснал на 1,8 проценти во ноември од 0,6 проценти во истиот месец минатата година.

Според аналитичарите, продажбата на „Тесла“ во Европа годинава опадна поради повеќе фактори, меѓу кои контроверзните политички ставови на Илон Маск, неговите интервенции во европската политика, како и сè посилната конкуренција од кинеските производители на електрични возила.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.