Северна Македонија и САД усогласија Рамка за договор за реципрочна, фер и балансирана трговија
Министерот Тимчо Муцунски оцени дека станува збор за значаен исчекор во економската соработка со стратегискиот партнер САД, кој ќе овозможи поголем пристап до американскиот пазар за македонските компании
СКОПЈЕ (АА) – Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави (САД) усогласија Заедничка изјава и Рамка за договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, со што се отвора нова фаза во билатералната економска соработка, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, министерот Тимчо Муцунски оцени дека станува збор за значаен исчекор во економската соработка со стратегискиот партнер САД, кој ќе овозможи поголем пристап до американскиот пазар за македонските компании.
Според него, САД ќе ја задржат реципрочната тарифа од 15 проценти за производите со потекло од Северна Македонија, но паралелно ќе се идентификуваат производи за кои тарифата ќе се намали до 0 проценти.
„Со други зборови, за дел од клучните индустрии и производи, тарифите ќе се намалат до нула“, нагласи министерот.
Заедничката изјава е основа за преговори за договор со кој ќе им се обезбеди на извозниците од двете земји проширен пристап до меѓусебните пазари и ќе се овозможи унапредување на меѓусебните трговски односи, се вели во соопштението.
Документот опфаќа повеќе области, вклучително царини, зајакнување на економската и националната безбедносна соработка, дигитална трговија, енергетски сектор, заштита на животната средина, нетарифни бариери и заштита на правата од интелектуална сопственост.
Министерот нагласи дека ова претставува мерлив успех за македонската економија, обезбедувајќи им на компаниите јасна регулаторна рамка, поголема предвидливост и посилна позиција на американскиот пазар.
Во меѓувреме, во официјалното соопштение на Канцеларијата на трговскиот претставник на Соединетите Американски Држави (USTR) се наведува дека ова ги поставува темелите за Договор за реципрочна трговија, со цел унапредување на економското партнерство.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
