Почна судењето за трагедијата во пожарот во Кочани
Судењето започна во судницата на Казнено-поправната установа „Идризово“, со засилени безбедносни мерки и распореден медицински тим
СКОПЈЕ (АА) - Денес официјално започна судењето за случајот со трагичниот пожар што се случи во ноќен клуб во март оваа година во Кочани, јавува Анадолу.
Судењето започна во судницата на Казнено-поправната установа „Идризово“, со засилени безбедносни мерки и распореден медицински тим.
Покрај денешното рочиште овој месец, судот закажа рочишта и за 25 и 26 ноември.
Во случајот се опфатени 38 обвинети, 35 физички лица и три правни лица што се обвинети за тешки кривични дела против јавната безбедност.
Меѓу обвинетите се сопственици на локали, менаџери, инспектори, поранешни министри, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.
Процесот ќе го води судијката Дијана Груевска Илиевска, а со цел да се обезбеди ефикасна и фер постапка, обвинителството ќе се претставува со проширен тим од 15 јавни обвинители.
Во раните утрински часови на 16 март, во ноќен клуб во градот Кочани избувна пожар како резултат на пиротехнички средства за време на вечерна забава, при што загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени.
Истрагите по инцидентот открија дека објектот работел со лажна лиценца и со години без да ги исполнува потребните стандарди.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
