Балкан

„Правдата и вистината да излезат на виделина“, побараа учесниците на 30. „Марш за ангелите“

- Учесниците на 30. „Марш за ангелите“ во Скопје, во придружба на родителите и семејствата на починатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани побараа да се преземат мерки за ваква трагедија никогаш повеќе дане се повтори

Oktaj Omeragikj  | 15.11.2025 - Обновена : 16.11.2025
„Правдата и вистината да излезат на виделина“, побараа учесниците на 30. „Марш за ангелите“

СКОПЈЕ (АА) - Учесниците на 30. „Марш за ангелите“ во Скопје, во придружба на родителите и семејствата на починатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани побараа Правдата и вистината да излезат на виделина, да преземат мерки за ваква трагедија никогаш повеќе дане се повтори, известува Анадолу.

„Марш за ангелите“ во организација на граѓанските иницијативи „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“ почна на пладне од плоштадот „Македонија“ и продолжи кон Собранието на Република Северна Македонија, од каде учесниците се упатија пред Основниот кривичен суд Скопје.

Пред Собранието се обрати Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на Андреј од ДНК.

„Не бараме сожалување и сочувство, бараме правда, вистина, фер постапка и гаранција дека ниту едно семејство нема да се разбуди во ноќта која ние ја преживеавме“, рече Ѓорѓиеска.

Таа истакна дена никој не е заштитен кога институциите не ја вршат својата работа и посочи дека ова не е политички повик, туку повик од срце за правда, за вистина и за човечност.

„Почитувани пратеници бараме да покренете иницијатива за одржување надзорна расправа пред надлежна собраниска комисија, како и да формирате посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата бидејќи загубата не е бројка, туку живот. Бараме да се утврди зошто институциите задоцнија. Никој не треба да живее во мислата дека некој можел да биде спасен, а не бил. Бараме да се утврди вистината. Каде се случиле пропустите? Кој не реагирал? Кои институции задоцнија? Кој ја имал должност да спречи, а не спречил?“, истакна Ѓорѓиеска.

Таа посочи дека според родителите и роднините на загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани, истражувањето што се водело останало нецелосно со отворени прашања без одговор и недоразјаснети околности.

Организаторите на маршот порачаа дека се свесни оти патот до правда ќе биде долг и тежок, исполнет со отпор и искривени намери, но нагласија дека доколку се пронајде заедничката точка на сплотување и сите застанат еден до друг, системот нема да има друг избор освен да постапи онака како што бара народот.

Судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 63 лица, а беа повредени околу 200, ќе започне на 19 ноември во судницата на КПУ Идризово. Случајот опфаќа 38 обвинети – 35 физички и три правни лица.

Судењето ќе се води со темпо од две рочишта неделно, а првичните термини се закажани за 19, 25 и 26 ноември.


- Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани

Трагедијата во Кочани се случи на 16 март 2025 година кога во ноќен клуб во градот избувна голем пожар. Вкупно починаа 63 лица, а околу 200 беа повредени.

Настанот предизвика силни реакции во јавноста, со барања за целосна истрага и изведување на виновниците пред лицето на правдата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.