„Отворен Балкан“ - начин економиите и пазарите на земјите на регионот да се развиваат
На состанокот помеѓу Вучиќ, Рама и Димитров најавено е формирање на Совет за имплементација кој ќе го координира договореното во рамките на „Отворен Балкан“

БЕЛГРАД (АА) - Формирање Совет за имплементација со задача да го координира она што е договорено во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ е најавено денеска на трилатералниот состанок на српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама и вицепремиерот на Северна Македонија, Никола Димитров, на кој е повторен повикот на сите земји на Западен Балкан да се придружат на иницијативата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Советот за имплементација ќе се формира бидејќи е заклучено дека многу работи кои се постигнати на политичко ниво, не биле секогаш спроведувани на терен.
Вучиќ на прес-конференцијата рече дека буквално сите бизнисмени од трите земји го поддржале проектот „Отворен Балкан“, но дека се пожалиле дека некои работи на границите не биле спроведени во реалност.
Тој додаде дека бизнисмените само бараат побрзи резултати и активности, но и да не се застане само на политичките декларации.
Наведе дека наскоро ќе биде договорен состав на Советот за имплементација и додаде дека е договорен непречен транзит меѓу земјите, за да се овозможи побрз раст и поголема стапка на развој, бидејќи сите три држави заостануваат зад развиените земји.
Понатаму додаде дека за првпат било разговарано и за слободен проток на услуги, во што учествувале и експерти од Сараево и Приштина, кои значително придонеле за дигиталната трансформација на целиот регион.
Тој најави дека на крајот на декември, по католичкиот Божиќ, во Тирана ќе биде одржан наредниот состанок на кој ќе биде потпишан и меморандум за разбирање за прашањето работни дозволи, бидејќи тоа е единствен начин работниците да се задржат во регионот.
- Димитров: Солидарноста е „основа за идна интеграција“ -
Вицепремиерот на Северна Македонија, Никола Димитров, оцени дека иницијативата „Отворен Балкан“ е важна регионална соработка и дека тоа е европски, мудар и вистински избор, и дека нема дилеми што би требало да се направи за да се најдат решенија и да се овозможи подобра иднина.
„Единствената одржлива и долгорочна визија за стабилен и победнички Балкан е кога границите се помалку важни, или воопшто не се важни“, рече Димитров.
Тој, исто така, рече дека не гледа опасност Северна Македонија да излезе од иницијативата „Отворен Балкан“, дури и ако има промена на составот на Владата во земјата.
„Не гледам никаква опасност што може да се појави. Важно е Северна Македонија да остане дел од иницијативата поради економиите на регионот и европската иднина. Во случај на промена на власта, ние сме демократија. Се надеваме дека волјата на народот ќе биде таква, кој и да дојде на власт, земјата ќе оди напред, што значи, европеизација и добри односи со соседите“, рече Димитров.
Тој изјави дека зголемената регионална соработка ќе помогне за побрз економски раст, што е важно за намалување на јазот со земјите од Европската Унија.
Истакнувајќи дека регионалната соработка не е алтернатива за европската интеграција, Димитров рече дека не би било разбирливо балканските земји да не преземаат ништо во време кога „европската идеја на Балканот слабее“.
Тој наведе дека солидарноста е „основа за идна интеграција“ и дека тоа значи „да се грижиме за другите, како што се грижиме за себеси“.
Димитров нагласи дека колку подобро земјите на регионот соработуваат, и Европската Унија ќе биде поубедена дека државите нема да внесат проблеми во Унијата.
- Рама: Иницијативата „Отворен Балкан“ е начин економиите и пазарите на земјите од регионот да се развиваат -
Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека во фокус на разговорот била суштината на иницијативата „Отворен Балкан“, а тоа е начин економиите и пазарите на земјите од регионот да се развиваат.
Рама рече дека фокусот бил „на луѓе, компании, дистрибутери, работници, студенти, академски граѓани кои се вистински корисници на Отворен Балкан“. Тој посочи дека секој од нив трпи на границите, поради чекањето и црвените линии, агенции и проверки, и нагласи дека пазарите на земјите од регионот се мали, но дека кога ќе се интегрираат, сепак имаат сила во привлекувањето странски инвестиции.
Рама нагласи дека „Отворен Балкан“ не е конкуренција на европските интеграции, туку комплементарен процес, и изјави оти се надева дека на иницијативата ќе ѝ се придружат и Црна Гора, иако претставниците на земјата сметаат дека таа ќе биде примена во ЕУ во 2022 година.
Тој изјави дека кога станува збор за несогласување, постои дијалог кој има свој пат, и нагласи дека ќе биде далеку подобро и за Босна и Херцеговина ако шесте земји на Западен Балкан станат дел од иницијативата „Отворен Балкан“, бидејќи многу полесно тие ќе комуницираат едни со други.
Потсетуваме дека Северна Македонија, Србија и Албанија ја именуваа иницијативата за соработка меѓу земјите од Западен Балкан како иницијатива „Отворен Балкан“, додека Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина се поканети да станат дел од неа
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.