Abdula Berisha
04 Ноември 2021•Ажурирај: 05 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот на Северна Македонија, Никола Димитров, престојува во Белград, каде што се одржа повторна средба со лидерите на Албанија и Србија во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Димитров присуствуваше на средбата откако премиерот Зоран Заев ја најави својата оставка.
На заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, Димитров рече дека регионалната соработка е мудро и европско решение.
„Единствената одржлива и долгорочна визија за стабилен и победнички Балкан е кога границите се помалку важни, или воопшто не се важни“, рече Димитров.
Тој, исто така, рече дека не гледа опасност Северна Македонија да излезе од иницијативата „Отворен Балкан“, дури и ако има промена на составот на Владата во земјата.
„Не гледам никаква опасност што може да се појави. Важно е Северна Македонија да остане дел од иницијативата поради економиите на регионот и европската иднина. Во случај на промена на власта, ние сме демократија. Се надеваме дека волјата на народот ќе биде таква, кој и да дојде на власт, земјата ќе оди напред, што значи, европеизација и добри односи со соседите“, рече Димитров.
Тој изјави дека зголемената регионална соработка ќе помогне за побрз економски раст, што е важно за намалување на јазот со земјите од Европската Унија.
Истакнувајќи дека регионалната соработка не е алтернатива за европската интеграција, Димитров рече дека не би било разбирливо балканските земји да не преземаат ништо во време кога „европската идеја на Балканот слабее“.
Потсетуваме дека Северна Македонија, Србија и Албанија ја именуваа иницијативата за соработка меѓу земјите од Западен Балкан како иницијатива „Отворен Балкан“, додека Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина се поканети да станат дел од неа.