Dr. Emir Suljagic
04 Ноември 2021•Ажурирај: 05 Ноември 2021
Пишува:
Емир СУЉАГИЌ
- Авторот е директор на Меморијалниот центар на Сребреница. Хонорарен предавач е на Отсекот за меѓународни односи на Интернационалниот универзитет во Сараево. Суљагиќ е и автор на две книги: „Етничко чистење: политика и насилство - српска кампања на етничко чистење во поранешна Југославија“ и „Разгледница од гробот“.
СРЕБРЕНИЦА (АА) - Ако Босна и Херцеговина (БиХ) пред само неколку недели беше во криза, денес може да се каже дека стои на работ на провалија. Од оваа недела, нема сомнеж дека Милорад Додик, водечкиот сепаратистички политичар на босанските Срби и член на Претседателството на БиХ, планира да започне со насилство. Поточно, минатата недела, кога членовите на неговиот Сојуз на независни социјалдемократи се состанаа и донесоа низа документи кои говорат на насилство, кое го темпираат за средината на ноември.
Неговиот план е Народното собрание на Република Српска во средината на ноември да донесе низа закони со кои се воспоставуваат паралелни институции. Документите кои станаа јавни, покажуваат дека не само што тој планира да воспостави српска разузнавачка служба, даночна администрација и вооружени сили, туку планира и отстранување на државните разузнавачки служби и Вооружените сили на Босна и Херцеговина од подрачјето со српско мнозинство „со интервенција на органите“ на ентитетот Република Српска.
- Воспоставување војска на босанските Срби е дебела црвена линија
Тоа е експлицитна закана со насилство. Но, дури и Додик да не планира насилство, самиот факт на повторно воспоставување на војска на босанските Срби, официјално наречена „Војска на Република Српска“ во текот на агресијата (1992 - 1995), е дебела црвена линија.
Пред сѐ, станува збор за институција за која Меѓународниот суд на правдата во 2007 година потврди дека е одговорна за геноцид. Геноцидот во БиХ беше краток период на интензивно насилство во текот на летните месеци во 1992 година, со средновековни опсади на населените центри како што се Сараево, Бихаќ и Сребреница кои траеја сѐ до 1995 година. Војската на босанските Срби го држеше под опсада главниот град Сараево три и пол години, што резултира со злосторства против човештвото.
Таа воспостави заробенички и концентрациони логори во 1992 година и беше во средина на геноцидното насилство насочено кон бошњачкото и хрватското население на БиХ. Во јули 1995 година, таа беше во средината на геноцидната операција во Сребреница. Најголемиот ешалон на таа организација беше директно вклучен во планирање и изведување на масовно убивање на машка популација на поранешната заштитена зона на Обединетите нации (ОН).
Тоа не беше војска. На почетокот служеше како продолжение на Југословенската народна армија (ЈНА), додека нејзиниот команден кадар остана на платниот список на Југославија и Србија до 2000 година. Таа беше машина за убивање цивили. Никогаш не доби рамноправна битка, а кога односот на силите се промени, есента 1995 година, таа броеше пораз по пораз. „Војската на Република Српска“ со Република Српска ја спаси само лагата која Ричард Холбрук му ја пренесе на претседателот на БиХ, Алија Изетбеговиќ, дека тогашниот американски претседател Бил Клинтон рекол дека НАТО ќе ја бомбардира Армијата на БиХ доколку се обиде да ја заземе Бања Лука, престолнината на бунтовниците.
- Бошњаците се третирани како непријатели
Второ, војската на босанските Срби континуирано го поткопуваше мировниот процес во текот на поствоеното постоење. Помагаше во криењето на обвинетите за воени злосторства. Ги застрашуваше несрпските повратници во подрачјата со српско мнозинство. Ги шпиунираше единиците на НАТО стационирани во земјата. Ако повторно се основа, цел регион ќе стане уште понестабилен. Ќе стане антиНАТО-платформа, со руска помош која несомнено ќе дојде, која ја дели кревката граница од неколку стотици километри со Хрватска, соседната држава, членка на НАТО. Едноставно кажано: тоа е сигурносна закана од прв ред, инхерентно непријателски настроена против западните интереси на Балканот.
Трето, нејзина примарна цел ќе остане продолжението на постоењето на Бошњаците. Нејзините основни непријатели се Бошњаците како народ. Почнувајќи од таканаречените шест стратегиски цели кои ги усвои истото Собрание на босанските Срби, од Директивата бр. 4 од ноември 1992 година до Директивата бр. 7 (наредба да се убие Сребреница, накратко кажано), војската на босанските Срби, целокупното босанско население го третираше како непријател. Само во Сараево во текот на опсадата се убиени 1.600 деца, голем број со снајпер. Од нас едноставно не може да се очекува да коегзистираме со таква институција, посветена исклучиво на нашето физичко уништување. Тоа е докажано на суд без разумно сомневање. Тоа не е илузија.
- Мирот е во прашање
Милорад Додик сите нас нѐ стави во кош. Има многу малку простор за маневрирање и мирот е во прашање. Охрабрен е од слабите реакции на Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ) на неговата отворена декларација за насилство и има секаков поттик да продолжи со извршувањето на својот план. Тој веќе се повлече од Дејтонскиот мировен договор, но сѐ уште зборува дека не е, за да создаде нова „де факто“ ситуација на терен пред официјално да ја прогласи. Секој пат кога ќе каже дека не сака војна, тој и неговите послушници купуваат време за изградба на нови капацитети за водење војна.
Единствениот начин Додик да биде запрен е да биде уверен дека цената на неговиот план е поголема од потенцијалната корист. Тоа е во нашите раце. Моменталната состојба на крајот се сведува на едно прашање: дали ние, оние кои го преживеаја геноцидниот напад на 90-тите, сме подготвени да живееме, да коегзистираме со можноста геноцидот да биде повторен? Јас не сум. Мислам дека никој не е.
* Мислењата изнесени во текстот му припаѓаат на авторот и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на АА.