Балкан

Активен пожарот во близина на границата меѓу Северна Македонија и Косово, досега се исфрлени над 70 тони вода

Пожарот што избувна во неделата во шумскиот предел помеѓу селото Блаце и Општина Чучер Сандево, регион во близина на границата меѓу Северна Македонија и Косово, сè уште е активен, а екипите се на терен и се обидуваат да го стават пожарот под контрола

Dzihat Aliju  | 08.07.2025 - Обновена : 08.07.2025
 Активен пожарот во близина на границата меѓу Северна Македонија и Косово, досега се исфрлени над 70 тони вода

СКОПЈЕ (АА) - Пожарот што избувна во неделата во шумскиот предел помеѓу селото Блаце и Општина Чучер Сандево, регион во близина на границата меѓу Северна Македонија и Косово, сè уште е активен, а екипите се на терен и се обидуваат да го стават пожарот под контрола, известува Анадолу.

Тимот на Анадолу ја сними интервенцијата на хеликоптерите во пожарите, а на терен може да се видат и слики од последиците од пожарот чиј интензитет се зголеми синоќа.

Центарот за управување со кризи на Северна Македонија (ЦУК) објави дека низ целата земја, заклучно до 07:00 часот, има вкупно 32 пожари на отворен простор.

Според ЦУК, седум сѐ уште се активни, еден е локализиран, еден е под контрола, а 23 се изгаснати. Меѓу активните пожари, според ЦУК, е оној во Општина Чучер Сандево, каде што пожарот зафатил мешана шума и ниска вегетација.

Министерството за внатрешни работи во своето соопштение наведе дека од утринските часови два хеликоптера од Хеликоптерската единица за полициски намени при МВР, Бел 412 и Агуста бел 212, интензивно учествуваат во гаснењето на пожарот кај Чучер Сандево.

Министерството објави дека досега се исфрлени над 70 тони вода, во обид да се изгасне пожарот.

Поради ширењето на пожарот во близина на Блаце, вчера беше објавено дека сообраќајот на патот Стенковец-Блаце е целосно прекинат во двата правци, вклучително и на граничниот премин кон Косово. Подоцна границата беше повторно отворена.


- Висок ризик од пожари

Кон крајот на минатиот месец Владата објави дека се забранува влегување во шумите од 1 јули до 31 август.

Со оглед на можноста за зголемен ризик од шумски пожари на отворени површини во текот на летните месеци, оние што нема да се придржуваат кон оваа одлука, која е донесена за спречување на пожари, ќе бидат казнети со парична казна од 1.500 до 2.000 евра.

Ризикот од шумски пожари во земјата е висок и граѓаните се предупредуваат да бидат внимателни.

Управата за хидрометеоролошки работи соопшти дека денес земјата ќе биде зафатена од сончево и многу топло време, со температури што ќе достигнат над 40 Целзиусови степени.

Министерството за внатрешни работи вчера во својот дневен билтен за настани објави дека претходниот ден се пронајдени изгорено човечко тело и изгорени тела на добиток по гаснењето на пожарот што избувнал во близина на мостот на реката Лепенец во населбата Ѓорче Петров во Скопје.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.