Балкан

Шекеринска: „Очекуваме нашите пријатели да му помогнат на регионот, а не да му одмагаат“

Шекеринска во ворска со изјавата на Красимир Каракачанов, вицепремиер и министер за одбрана на Бугарија: „Ваквите изјави не се во духот на Договорот за добрососедство, не помагаат“

Furkan Abdula   | 24.09.2020
Шекеринска: „Очекуваме нашите пријатели да му помогнат на регионот, а не да му одмагаат“ Фото: Фуркан Абдула / АА

СКОПЈЕ 

Министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, истакна дека очекуваат нивните сојузници и пријатели да му помогнат на регионот, а не да му одмагаат, јавува Агенција Анадолија (АА).

Шекеринска на прес-конференција се осврна на изјавите на вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, кој рече дека не е време за одржување на меѓувладина конференција за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија во ЕУ.

„Ваквите изјави не се во духот на Договорот за добрососедство, не помагаат. Ако нешто научивме во сиве овие изминати 30 турбулентни балкански години, тоа е дека емоциите не се добар сојузник во решавање на билатералните прашања“, рече Шекеринска.

Таа нагласи дека тие покажале дека со сите нивни соседи можат да бидат пријатели.

„Покажавме и дека сакаме и дека сме подготвени да инвестираме во таков сојузнички однос и ќе продолжиме да градиме понатаму таква политика. Очекуваме нашите сојузници и нашите пријатели да му помогнат на регионот, а не да му одмагаат“, истакна таа.

Министерката рече дека единствен начин да му помогнеме на овој регион е да му се даде шанса да има подобра и европска иднина, изразувајќи очекување дека сите земји, вклучително и пријателската Бугарија, ќе функционираат на таков начин.

„Сега е моментот кога се гледа и се оценува колку навистина сакаме да градиме добрососедски односи. Ние нашиот тест го поминавме“, додаде таа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın