Балкан

Северна Македонија: Штип и Пласница бираат нови градоначалници

Новoизбраните градоначалници ќе имаат мандат од девет месеци, поточно, до редовните локални избори што треба да се одржат наесен наредната 2021 година.

Admir Fazlagic  | 13.12.2020 - Обновена : 14.12.2020
Северна Македонија: Штип и Пласница бираат нови градоначалници ( Фото: Архива / АА )

СКОПЈЕ

Во општините Штип и Пласница во Република Северна Македонија денеска се гласа за избор на нов градоначалник, избирачките места се отворени во 7 часот, а ќе бидат затворени во 19 часот, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во овие две општини се одржуваат предвремени избори за градоначалник затоа што претходните градоначалници на двете општини добија нови функции во извршната и законодавната власт, односно Благој Бочварски, кој беше градоначалник на Штип, по предвремените парламентарни избори во земјава е избран за нов министер за транспорт и врски, додека Исмаил Јахоски, градоначалникот на Пласница,? Штип е избран за пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.

Новoизбраните градоначалници ќе имаат мандат од девет месеци, поточно, до редовните локални избори што треба да се одржат наесен наредната 2021 година.

Во Општина Штип правото на глас можат да го остварат вкупно 41.777 избирачи.

На изборите за градоначалник на Штип се натпреваруваат независниот кандидат Трајче Митев, Лазар Наумов од партијата ТМРО, потоа актуелниот пратеник Сашко Николов од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Гоце Ангелов од новата коалиција „Иднината во наши раце“, и кандидатот на „Интегра - Македонска конзервативна партија“, која за свој кандидат го избра Симон Поликарп-Џими, кој е роден во Нигерија, а во Штип дошол да студира и веќе неколку децении живее и работи.

Во изборната трка за градоначалник на Пласница учествуваат двајца кандидати, Алија Јахоски од Демократската унија за интеграција (ДУИ) и Рамазан Шерифовски од Движењето за национално единство на Турците.

На овие избори во Општина Пласница право на глас имаат 4.954 граѓани од четири села, што може да гласаат на 9 избирачки места.

Општинските изборни комисии на општините каде што се одржуваат предвремените локални избори соопштија дека избирачките места пред да се отворат се дезинфицирани, а дека членовите на избирачките одбори ја имаат потребната заштитна опрема и средства за дезинфекција и дека гласањето мора да го спроведат според здравствените протоколи, со држење растојание од два метра помеѓу нив, а исто и гласачите, заради спречување на ширењето на коронавирусот (Ковид-19).

Во изминатите два дена во Штип и Пласница гласаа позитивните на Ковид-19, лицата во изолација, болните и немоќните, осудениците, како и станарите на геријатриските домови.

    На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.